Линкови за пристапност

Пенс вели дека однесувањето на Трамп околу нападот на Конгресот било несовесно, но не и криминално


Поранешниот потпретседател на САД и републикански претседателски кандидат Мајк Пенс изјави дека смета оти зборовите и постапките на поранешниот претседател Доналд Трамп кои доведоа до нападите на Конгресот на 6 јануари 2021 година, се непромислени, но оти веројатно не се криминални.

„Иако неговите зборови беа непромислени, врз основа на она што го знам, сè уште не сум убеден дека тие се криминални“, изјави Пенс за Си-Ен-Ен.

Трамп минатиот вторник рече дека добил писмо во кое се вели дека е цел на истрага на големата порота за напорите да се поништи неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година.

Писмото претставува најјасен знак досега дека Трамп, фаворит за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, може да се соочи со федерални кривични обвиненија околу неговите напори да остане на власт по поразот на изборите од демократот Џо Бајден.

„Се надевам дека нема да дојде до тоа“, рече Пенс во врска со потенцијалното обвинение за Трамп за напорите за поништување на изборите во 2020 година.

Тој рече дека треба да се остави на американската јавност да утврди дали Трамп е одговорен.

„Неговите постапки беа непромислени“, рече Пенс.

Тој додаде дека „искрено не знам која била неговата намера“ на 6 јануари 2021 година.

Пред нападот на Конгресот во 2021 година од поддржувачите на Трамп, тогашниот претседател постојано го критикуваше Пенс затоа што одбил да се обиде да го спречи Конгресот да ја потврди победата на Бајден на изборите во 2020 година.

Пенс вчера рече дека Трамп погрешил оти мислел дека поранешниот потпретседател може да го поништи исходот од изборите.

„Знам дека ја извршив мојата должност тој ден“, рече Пенс.

Одделно, Трамп беше обвинет во јуни дека незаконски чувал документи за националната безбедност кога ја напуштил функцијата и ги лажел службениците кои се обиделе да ги вратат.

Тој се изјасни за невин.

Неодамна, тој беше обвинет и за фалсификување деловни записи за да прикрие уплата на пари на порноѕвезда.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG