Линкови за пристапност

Бајден ќе зборува на годишнината од нападот на Капитолот


Американскиот претседател Џо Бајден ќе се обрати во четврток во врска со историското значење на минатогодишниот напад на американскиот Капитол од подржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Обраќањето на претседателот Бајден, на годишнината од нападот, ќе биде од халата на статуите, каде ќе биде придружуван од потпретседателката Камала Харис.

„Претседателот ќе зборува за вистината за она што се случи, а не за лагите што некои ги шират оттогаш и за опасноста за владеењето на правото и нашиот систем на демократско владеење“, им рече на новинарите портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, на брифинг во вторникот.

„Тој, исто така, ќе го одбележи тој ден со оддавање почит нахероите од 6ти јануари, особено на храбрите мажи и жени од органите за одржување на редот кои се бореа да го одржат Уставот и да го заштитат Капитолот, и да ги заштитат животите на луѓето што беа таму. Поради нивните напори, нашата демократија го издржа нападот, а волјата на повеќе од 150 милиони луѓе кои гласаа на претседателските избори на крајот беше регистрирана од Конгресот“.

Толпата што го поддржуваше Трамп упадна во седиштето на Конгресот додека пратениците работеа на потврдување на резултатите од изборите во ноември 2020 година, совладувајќи ги побројните полицајци на Капитолот на должност, кршејќи ги прозорците и вандализирајќи ја историската зграда што ги натера пратениците да бараат засолниште.

Неколку часа подоцна, откако федералните агенции за спроведување на законот и војската воспоставија контрола врз Капитол, членовите на Конгресот можеа да ја завршат работата на потврдување на резултатите со што се отвори пат за инаугурација на Бајден неколку недели подоцна.

Четворица приврзаници на Трамп загинаа на денот на нападот - тројца од медицински причини а еден полицаец од Капитол почина следниот ден. Толпата повреди десетици полицајци, а во месеците по нападот четворица полицајци извршија самоубиство.

Трамп планираше да одржи прес-конференција во четврток на Флорида, но во вторникот рече дека го откажува настанот. Во изјавата во која се наведува неговото често повторувано, но невистинито тврдење дека тој всушност победил на изборите во 2020 година, Трамп рече дека наместо тоа ќе разговара за „важни теми“ на митинг на 15 јануари во Аризона.

Карл Тобијас, професор на Правниот факултет на Универзитетот во Ричмонд, изјави за агенцијата Франс прес дека кампањата на Трамп е „без преседан во историјата на САД“.

„Ниту еден поранешен претседател не се обиде да направи толку многу за да го дискредитира својот наследник и демократскиот процес“, рече Тобијас.

Анкетите на јавното мислење покажаа дека околу 70% од републиканците не ја сметаат изборната победа на Бајден за легитимна.

(Некои информации за овој извештај дојдоа од агенциите АП, ФП и Ројтерс.)

XS
SM
MD
LG