Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин денес беше во ненајавена посета на Украина во знак на поддршка за украинската војска, како и да се состане со украинските лидери.
Пентагон во соопштението рече дека Остин, исто така, „ќе одржи говор кој ќе нагласи како Украина вешто возвратила против војната на Путин, посветеноста на САД да осигураат дека вооружените сили на Украина ги имаат потребните капацитети на бојното поле и зошто борбата на Украина е важна за безбедноста на САД“.
Посетата на Остин доаѓа неколку дена откако САД објавија нова помош од 425 милиони долари за Украина, вклучувајќи муниција за системи за воздушна одбрана и артилериска муниција.
Во нападите со руски беспилотни летала повредени е најмалку едно лице во главниот град на Украина, соопштија денеска властите во Киев.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко, на Телеграм изјави дека паѓањето на остатоци од дронови соборени од украинската противвоздушна одбрана оштетило неколку станбени згради.
Шефот на градската воена управа на Киев Серхиј Попко, на Телеграм изјави дека во нападот биле вклучени дури десетина руски беспилотни летала, но оти сите биле уништени.
Руски беспилотни летала го гаѓаа и Миколаев, во јужна Украина. Гувернерот Виталиј Ким во понеделникот на Телеграм изјави дека воздушната одбрана соборила три беспилотни летала во текот на ноќта.
Руското министерство за одбрана денес објави дека уништило 18 украински беспилотни летала лансирани во нападите во текот на ноќта.
Единаесет од беспилотните летала биле соборени над Ростовската област, додека други четири беа уништени над Брјанск, два над Курск и еден над Ориол.
Официјални лица во Курск известија дека нема жртви и нема извештаи за штети од нападите.