Линкови за пристапност

Зеленски го претстави својот „план за победа“ на сојузниците во ЕУ и НАТО


Украинскиот претседател Володимир Зеленски, лево, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, десно, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел (средина) пристигнуваат на групна фотографија за време на самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, лево, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, десно, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел (средина) пристигнуваат на групна фотографија за време на самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.

Украина објави дека уништила 22 руски беспилотни летала

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска рече дека клучот за ставање крај на руската војна во Украина на начин што ќе спречи повторно да се случи е европското единство, притисокот врз Русија и зајакнувањето на Украина.

„Русија ќе прибегне кон дипломатија само кога ќе види дека не може ништо да постигне со сила. Мораме да создадеме соодветни услови за да ја завршиме оваа војна“, рече Зеленски при посетата на Брисел за да им се обрати на лидерите на Европската унија и да се сретне со министрите за одбрана на НАТО.

Состаноците се последната можност на Зеленски да им го претстави својот „план за победа“ на западните сојузници.

Во говорот во украинскиот парламент во средата, Зеленски ја истакна својата визија за ставање крај на руската 32-месечна инвазија, вклучително и повик за безусловна покана за членство во НАТО и за распоредување на ненуклеарно одвраќање за руската агресија.

Шефот на НАТО Марк Руте рече дека евентуалното членство на Украина во НАТО е „неповратно“ кога е вистинското време, но бидејќи Киев не може да се приклучи додека е во војна, тој одби да постави временска рамка за членството. Зеленски во неколку наврати ја повика Русија да ги повлече своите трупи од Украина и да ги врати територијалните линии на земјата пред Русија еднострано да го анектира Крим во 2014 година, предлог што Москва го отфрли.

Борби

Украинската војска денеска соопшти дека соборила 22 од 56 беспилотни летала што руските сили ги користеле во нападите во текот на ноќта насочени кон области во централна и западна Украина.

Пресретнувањата се извршени над регионите Черкаси, Чернихив, Киев, Миколаев, Одеса, Полтава, Тернопил, Суми и Житомир, соопштија украинските воздухопловни сили.

Шефот на градската воена управа на Киев Серхи Попко преку Телеграм соопшти дека нападот оштетил станбена зграда.

Во Миколаев, гувернерот Виталиј Ким рече дека Русија ја таргетирала енергетската инфраструктура.

Официјални лица во Суми, исто така, рекоа дека рускиот напад оштетил станбена зграда и неколку возила за итни случаи.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило шест украински беспилотни летала над регионот Ориол, четири беспилотни летала над Курск и три беспилотни летала над Брјанск. Официјални лица во тие региони не пријавија штета или жртви.

Помош од САД

Американскиот претседател Џо Бајден вчера разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбранбената помош за Украина во нејзината борба против руската агресија.

Бајден, исто така, објави пакет за безбедносна помош од 425 милиони долари за Украина, кој вклучува дополнителни капацитети за противвоздушна одбрана, муниција воздух-земја, оклопни возила и муниција од суштинско значење за решавање на нејзините итни воени потреби.

САД треба да и достават на Украина повеќе опрема во следните месеци, вклучувајќи стотици пресретнувачи за противвоздушна одбрана, десетици тактички системи за противвоздушна одбрана, дополнителни артилериски системи, стотици оклопни транспортери и пешадиски борбени возила.

Предвидено е Бајден да биде домаќин на виртуелен состанок на Контакт групата за одбрана на Украина идниот месец за да ја координира меѓународната помош за Украина.

Дел од информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG