Линкови за пристапност

59% од Американците мислат дека и Бајден и Трамп се премногу стари за претседател, покажа анкета


Се чини дека секој показател е оти повеќето Американци не се радуваат на репризата на 2020 година, изјави за Гласот на Америка политикологот Чарлс Булок од Универзитетот на Џорџија
Се чини дека секој показател е оти повеќето Американци не се радуваат на репризата на 2020 година, изјави за Гласот на Америка политикологот Чарлс Булок од Универзитетот на Џорџија

Првичните резултати покажуваат дека претседателските избори во САД во 2024 година ќе бидат реприза на трката меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп во 2020 година, при што гласачите избираат помеѓу некој кој ќе биде најстариот претседател на земјата (Бајден) или нејзиниот втор најстар претседател (Трамп).

Многу гласачи не се задоволни од изборот. Анкетата на Еј-Би-Си Њуз/Ипсос претходно овој месец покажа дека 59% од Американците мислат дека и двајцата најверојатни кандидати се премногу стари за да служат уште еден мандат.

„Се чини дека секој показател е оти повеќето Американци не се радуваат на репризата на 2020 година“, изјави за Гласот на Америка политикологот Чарлс Булок од Универзитетот на Џорџија.

„Ако која било од страните може да излезе со квалитетен, помлад кандидат, таа личност би победила убедливо“.

Една мајка од Конектикат се согласува.

„Возраста на нашите кандидати е исклучително загрижувачка“, рече таа.

„Дали гласаме за двајца мажи кои се во 80-ти години или гласаме за луѓето што тие ги избрале да бидат нивни потпретседатели? Можноста да не можат да го завршат мандатот поради деменција, сенилност или други здравствени причини не е неверојатна. Нешто во нашиот систем е скршено и мораме да го поправиме“.

Роберт Колинс, професор по урбанистички студии и јавна политика на Универзитет во Њу Орлеанс, верува дека Американците се чувствуваат како да не им се дава вистински избор.

„За многумина од нас, се чувствува како ситуација назад во иднината“, изјави тој за Гласот на Америка.

„Тоа е избор меѓу истите двајца стари момци што ги имавме минатиот пат, а многу Американци се прашуваат како се случи ова и дали тоа значи дека нешто не е во ред со нашата демократија“.

Без разлика на причините, возраста е проблем на овие избори.

Но, Норма Родригес од Мајами, Флорида, вели дека тоа не е во ред.

„Како што возраста не треба да биде проблем на кое било работно место кога тоа не влијае на капацитетот, не треба да биде важно ниту во политиката“, рече таа за Гласот на Америка.

„Напротив, треба да гласаме за особини како карактер, емпатија и доверливост“.

Родригес вели дека реваншот меѓу двајца постари кандидати не е показател за скршен политички систем, туку „мислам дека тоа го илустрира недостатокот на политички ангажман кај помладите генерации Американци“.

Додека старосната разлика меѓу претседателот Бајден и поранешниот претседател Трамп е помала од четири години, јазот во тоа како Американците гледаат на нивната возраст е голем.

Анкетата на Еј-Би-Си Њуз/Ипсос покажа дека 59% од Американците мислат оти и двајцата кандидати се премногу стари, а дополнителни 27% рекле дека само Бајден е премногу стар.

Спротивно на тоа, само 3% од Американците рекоа дека само Трамп е премногу стар за повторно да служи.

„Без разлика дали е фер или не, мислам дека Бајден им се гледа на Американците како постар од Трамп“, објасни Колинс.

XS
SM
MD
LG