Линкови за пристапност

Републиканците го напаѓаат Бајден дека имал проблеми со меморијата


Кампањата на Ники Хејли изјави дека Бајден „треба веднаш да направи тест за ментална способност“ и да ја објави јавно
Кампањата на Ники Хејли изјави дека Бајден „треба веднаш да направи тест за ментална способност“ и да ја објави јавно

Републиканските ривали на Џо Бајден поставуваат прашања за неговата ментална способност, по неговиот лапсус што ја зголеми вознемиреноста на демократите за неговата возраст.

„Бајден нема да биде посвеж во ноември“, рече Џејсон Милер, висок советник на кампањата на Трамп во изјава за Гласот на Америка.

Кампањата објави соопштение во кое се вели: „Џо Бајден не е само сенилен, тој ја става на ризик нашата национална безбедност“.

Поранешниот претседател Доналд Трамп има водство на републиканските прелиминарни избори и најверојатно ќе стане кандидат на партијата, и покрај тоа што се соочува со 91 обвинение за кривично дело во различни федерални и државни кривични случаи.

Кампањата на Ники Хејли изјави дека Бајден „треба веднаш да направи тест за ментална способност“ и да ја објави јавно.

„Џо Бајден не може да се сети на големи настани во неговиот живот, како кога бил потпретседател или кога починал неговиот син“, рече Ники Хејли.

„Тоа е тажно, но ќе биде уште потажно ако имаме личност во Белата куќа која ментално не е подготвена за најважната работа на светот“.

Републиканците ги започнаа своите обновени напади откако претседателот направи лапсус вчера вечерта, погрешно нарекувајќи го египетскиот претседател „претседател на Мексико“, додека тој ги истакнуваше напорите што ги прави да обезбеди помош за луѓето во Газа.

Лапсусот се случи додека Бајден го коментираше извештајот на специјалниот обвинител за неговото лошо ракување со доверливите документи, во кои се забележани неговите проблеми со меморијата, наведувајќи примери на кои тој не можел да се сети на клучните моменти во сопствениот живот, како на пример кога служел како потпретседател или кога починал неговиот син Бо.

„Моето сеќавање е добро“, одговори Бајден додека негираше дека заборавил кога починал неговиот син.

Три четвртини од гласачите, вклучително и половина од демократите, велат дека се загрижени за менталното и физичкото здравје на Бајден, според анкетата на Ен-Би-Си Њуз објавена оваа недела.

Помалку од половина од гласачите имаат загриженост за менталното и физичкото здравје на Трамп, според истата анкета.

За време на предизборниот настан претходно овој месец, Трамп се чини дека погрешно ја нарече својата ривалка Хејли како поранешната спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси кога разговараше за 6 јануари 2021 година.

Тој претходно ги измеша Бајден и поранешниот претседател Барак Обама.

Специјалниот советник Роберт Хур утврди дека Бајден нема да биде обвинет за лошо ракување со доверливи документи.

Сепак, карактеризацијата на Хур за сеќавањето на претседателот веројатно ќе им обезбеди аргументи на републиканските ривали да коментираат дека тој не е во состојба да ја води земјата.

Трамп, кој е под федерално обвинение за 37 кривични дела поврзани со неправилно постапување со доверливи документи, попречување на правдата и давање лажни изјави, го заостри нападот врз Бајден.

Тој го нарече случајот на Бајден „100 пати поинаков и потежок од мојот“, обвинувајќи во изјавата за кампањата во четвртокот дека постои „двоен систем на правда и неуставно селективно гонење!“ и „мешање во изборите“.

Во својот извештај, Хур ги негираше таквите тврдења.

„За разлика од доказите во кои е вклучен г-дин Бајден, наводите изнесени во обвинението против г-дин Трамп, доколку се докажат, ќе претставуваат сериозни отежнувачки факти“, се наведува во извештајот.

„Најзначајно, откако му беа дадени повеќекратни шанси да врати доверливи документи и да избегне гонење, г-дин Трамп наводно го направил спротивното“.

XS
SM
MD
LG