Во Јоханесбург, Јужна Африка, чешмите се сушат. Градот доживеа колапс на неговиот водоводен систем - погодувајќи милиони луѓе.
Во Совето, на периферијата на градот, илјадници луѓе се редат за да соберат вода од цистерните секој ден.
„Сериозен предизвик е. Многу проблематичен период е што на моја возраст морам да бидам овде и да ги носам овие кофи од 20 литри. А тажното е што не знаеме кога нашите чешми повторно ќе работат“, вели Табисиле Мчуну, жителка на Совето.
Инфраструктурата што се распаѓа е делумно виновна. Но, научниците велат дека климатските промени предизвикуваат сушење на реките и акумулациите во Јужна Африка и многу други делови од светот.
Како што Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на водата, се проценува дека 2,2 милијарди живеат без безбедно управувана вода за пиење.
Научниците на ОН велат дека приближно половина од светското население се соочува со сериозен недостиг на вода барем еден дел од годината. Најпогодени се посиромашните нации на глобалниот југ - или земјите во развој.
Во новиот извештај, агенцијата за помош Оксфам ги обвинува големите глобални корпорации дека ги „земаат и загадуваат“ виталните водни ресурси на сметка на локалното население, со цел да остварат профит.
„Водата прекумерно се користи од северните земји и таа ги остава јужните земји без пристап до вода“, вели Квентин Гескиер од „Оксфам“.
Оксфам ги обвинува побогатите земји и мултинационалните компании дека го префрлаат притисокот за водата во посиромашните региони, со екстракција на вода од природни извори за индустриска или земјоделска употреба, и преку увоз на производи како овошје, зеленчук, месо, цвеќиња и вода во шишиња.
Во извештајот се вели дека земјоделството учествува со 70 проценти од повлекувањето вода - вклучително и преку системи за наводнување за поддршка на месната индустрија и биогоривата. Но, анализата на Оксфам сугерира дека приватниот сектор не успева да го намали своето влијание врз водните ресурси.
„Триста и педесет корпорации се анализирани преку базата на податоци. Тие сочинуваат половина од светските земјоделски приходи, а само една од четири од нив изјавува дека ја намалуваат употребата на водата и загадувањето“, додава Гескиер.
ОН предупредуваат на зголемен ризик од конфликт околу водата. Се вели дека како што државите се справуваат со климатските промени, масовната миграција и политичките немири, тие мора да ја стават соработката за вода во центар на нивните планови.
Facebook Forum