Линкови за пристапност

Нетанјаху рече дека има датум за напад во Рафа, САД се против


„Оваа победа бара влез во Рафа и елиминација на терористичките баталјони таму. Тоа ќе се случи. Има датум“, рече израелскиот премиер
„Оваа победа бара влез во Рафа и елиминација на терористичките баталјони таму. Тоа ќе се случи. Има датум“, рече израелскиот премиер

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека е одреден неоткриен датум за копнена инвазија на градот Рафа во јужна Газа, дури и додека Белата куќа соопшти дека нејзините преговарачи во Каиро им предале на милитантите на Хамас предлог за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Денеска добив детален извештај за разговорите во Каиро“, рече израелскиот лидер во Ерусалим.

„Постојано работиме на постигнување на нашите цели, пред се` ослободување на сите наши заложници и постигнување целосна победа над Хамас“.

„Оваа победа бара влез во Рафа и елиминација на терористичките баталјони таму. Тоа ќе се случи. Има датум“, рече тој.

САД веднаш го прекорија Нетанјаху. Портпаролката на Пентагон рече:

„Ние бевме многу јасни дека не поддржуваме операции во Рафа“.

„Сакаме да видиме веродостоен план за тоа како тие ќе спроведат какви било операции таму, со оглед на суштинската хуманитарна загриженост за повеќе од еден милион палестински цивили кои се засолнети таму“, рече заменик-портпаролката на Пентагон Сабрина Синг.

„Не видовме дека нивниот официјален план е претставен“.

Во разговорите во Каиро во текот на викендот беше вклучен и шефот на американската Централна разузнавачка агенција Вилијам Барнс, заедно со властите на Израел, Катар и Хамас.

Белата куќа ги опиша преговорите како „сериозни“.

„Онаму каде што сме сега е дека предлогот е претставен на Хамас и го чекаме одговорот на Хамас“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

„Сега, ќе зависи од Хамас што ќе успее“.

Преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците доаѓаат неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Нетанјаху за можноста за промена на американската поддршка за израелските воени напори.

Бајден побара Израел веднаш да дозволи поголема хуманитарна помош во опколената воена зона за да им помогне на гладните Палестинци и да ги овласти своите преговарачи да постигнат итен прекин на огнот.

Барањата на Бајден дојдоа откако во израелски воздушен напад загинаа седум меѓународни хуманитарни работници кои се обидуваа да достават храна во Газа.

Кирби рече дека во неделата, „Видовме дека повеќе од 300 камиони со (хуманитарна помош) влегоа во Газа и тоа е напредок“.

Израелските власти, исто така, треба да ја посетат Белата куќа во наредните денови за да ја слушнат загриженоста на САД за можната израелска офанзива на Рафа.

Дел од информациите во текстот се од Ројтерс, АП и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG