Линкови за пристапност

САД и Израел имаат виртуелен состанок за Рафа, соопшти Белата куќа


Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, рече дека САД имаат загриженост за каква било голема копнена операција во јужниот град на Газа, Рафа, последното релативно безбедно засолниште за повеќе од еден милион раселени палестински цивили
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, рече дека САД имаат загриженост за каква било голема копнена операција во јужниот град на Газа, Рафа, последното релативно безбедно засолниште за повеќе од еден милион раселени палестински цивили

Високи американски и израелски претставници денес имааат виртуелен состанок, на кој разговараат за алтернативните предлози на администрацијата на Бајден за израелска воена инвазија на Рафа, соопшти Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, рече дека САД имаат загриженост за каква било голема копнена операција во јужниот град на Газа, Рафа, последното релативно безбедно засолниште за повеќе од еден милион раселени палестински цивили.

„Ако тие сакаат да продолжат со воена операција, ние мора да го водиме овој разговор“, рече Жан-Пјер на брифингот.

„Мораме да разбереме како тие ќе продолжат“.

Таа им рече на новинарите дека советникот за национална безбедност Џејк Саливан ќе ги води дискусиите од американска страна.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа планираната посета на Вашингтон минатата недела на висока израелска делегација, откако САД дозволија усвојување на резолуцијата за прекин на огнот во Газа во Обединетите нации, што означува ново најниско ниво во времето на војната во неговите односи со претседателот Џо Бајден.

Два дена подоцна, Израел побара од Белата куќа да го презакаже состанокот на високо ниво за воените планови за Рафа, изјавија официјални лица, во очигледен обид да се намалат тензиите меѓу двата сојузника.

САД, загрижени поради продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа, сакаат Израел да разгледа алтернативи за копнена инвазија.

Над 32.000 Палестинци се убиени, од кои 63 во изминатите 24 часа, во шестмесечната воена офанзива на Израел во Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

Одмаздата на Израел започна по нападот на 7 октомври, во кој милитантите на Хамас ја пробија израелската граница, при што беа убиени 1.200 луѓе и заробени 253 заложници, според израелските податоци.

Во офанзивата беа погодени делови од малата крајбрежна енклава, вклучително и болници и инфраструктура, и создаде сериозен недостиг на храна кај главно раселеното население.

XS
SM
MD
LG