Линкови за пристапност

Не успеавме, вели директорката на Тајната служба за пукањето во Трамп


Американскиот републикански кандидат Доналд Трамп со крв на лицето опкружен со агенти на Тајната служба додека го симнуваат од бината на собирот во Батлер, Пенсилванија, на 13 јули 2024 година
Американскиот републикански кандидат Доналд Трамп со крв на лицето опкружен со агенти на Тајната служба додека го симнуваат од бината на собирот во Батлер, Пенсилванија, на 13 јули 2024 година

Директорката на американската Тајна служба Кимберли Читл денес пред Конгресот призна дека таа и нејзината агенција потфрлиле кога потенцијалниот убиец го ранил републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на предизборниот митинг на 13 јули во Пенсилванија.

„Не успеавме. Како директор на Тајната служба на САД, јас ја преземам целосната одговорност за секој безбедносен пропуст“, рече Читл, која се соочува со републикански повици за нејзина смена, во сведочењето пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом.

„Обидот за атентат врз поранешниот претседател Доналд Трамп на 13 јули е најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении“, рече Читл.

Наспроти тврдењата на републиканците дека Тајната служба негирала ресурси за да го заштити Трамп, таа рече дека безбедноста на поранешниот претседател се зголемила пред пукањето.

„Нивото на безбедност обезбедено за поранешниот претседател се зголеми многу пред кампањата и постојано се зголемува како што еволуираат заканите“, рече Читл.

„Нашата мисија не е политичка, тоа е буквално прашање на живот и смрт“.

Сослушувањето денес го одбележа првиот круг од конгресниот надзор на обидот за атентат.

В среда, директорот на ФБИ Кристофер Вреј, ќе се појави пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом.

И претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, исто така, треба да претстави двопартиска работна група која ќе служи како врска за истрагите на Претставничкиот дом.

Читл се спротивстави на повиците за нејзина оставка од врвните републиканци, вклучувајќи ги Џонсон и лидерот на малцинството во Сенатот Мич Меконел.

Републиканскиот комитет за надзор на Претставничкиот дом Џејмс Комер ги повтори тие повици на сослушувањето.

„Мое цврсто верување, директорке Читл, дека треба да поднесете оставка“, рече републиканецот од Кентаки.

„Тајната служба има илјадници вработени и значителен буџет. Но, таа сега стана лице на неспособност“.

Демократскиот претставник Гери Коноли рече:

„Неприфатливите инциденти како овој го истакнуваат фактот дека ние сме сè пополаризирана нација која доживува зголемени политички тензии“.

Пукањето на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, го рани Трамп во увото, уби еден учесник на митингот и рани друг.

Осомничениот убиец, 20-годишниот помошник во старечки дом Томас Крукс, беше убиен од органите на редот.

Не е јасно кој бил неговиот мотив за пукањето.

Читл им рече на законодавците рече дека агенцијата заштитува 36 лица дневно, како и светски лидери кои ги посетуваат САД, вклучително и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој треба да се обрати на заедничката седница на Конгресот оваа недела.

Претседателот Џо Бајден во неделата ја заврши својата кандидатура за реизбор, поддржувајќи ја потпретседателката Камала Харис да го наследи како кандидат.

Тој вети дека ќе служи до крајот на неговиот мандат на 20 јануари 2025 година.

XS
SM
MD
LG