Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денес ќе биде домаќин на разговори со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, на кои, вели Пентагон, ќе се покаже поддршката на САД за безбедноста на Украина.
Разговорите доаѓаат една недела пред САД да бидат домаќин на самитот на НАТО, каде воената поддршка за Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од руска инвазија е ставена на врвот на агендата.
„Секретарот Остин и министерот Умеров ќе разговараат за билатералната одбранбена соработка, регионалните безбедносни прашања и начините за зајакнување на одбранбеното партнерство меѓу САД и Украина“, изјави за новинарите вчера заменик-портпаролот на Пентагон Сабрина Синг.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, исто така, денес е домаќин на разговори со Андриј Јермак, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
САД се убедливо најголемиот поддржувач на Украина во повеќе од две години, откако Русија ја започна својата целосна инвазија.
Американската воена помош повторно се испраќа до украинските сили, по прекинот од неколку месеци во услови на политички застој во Конгресот на САД.
Зеленски во видеообраќање доцна вчера, рече дека очекува овој месец „да ѝ донесе уште поголема сила на Украина, особено во заштитата на нашето небо и постигнувањето вистинска безбедност за нашата земја“.
„Оружјето со долг дострел, борбените авиони за Украина - со доволен квалитет и квантитет и повеќе системи за противвоздушна одбрана - се клучни фактори кои влијаат на целиот тек на оваа војна“, рече Зеленски.
Секојдневните воздушни напади на Русија со проектили и беспилотни летала против украинските градови го натераа Зеленски да бара повеќе системи за ракетна одбрана и да се обиде да ја забрза испораката на борбени авиони за употреба на украинските сили.
Украина, исто така, се обиде да го зајакне своето домашно производство на беспилотни летала за напад, и извршува свои воздушни напади, особено насочени кон областите долж границата меѓу Украина и Русија.
Руското министерство за одбрана денес соопшти дека соборило четири украински воздушни беспилотни летала над регионот Брјанск, четири беспилотни летала над регионот Белгород и уште три беспилотни летала над Крим, окупиран од Русија.
Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород, рече дека во нападите биле повредени две лица и оштетен е трговски центар.
Руски функционер на Крим пријавил штета на неколку куќи и автомобили, но нема повредени.
Одредени информации во овој текст се од Ројтерс