Македонскиот премиер Христијан Мицкоски имаше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Ја оцени како исклучителна, квалитетна и плодна средба.
„Разговаравме за неколку теми меѓу кои и темата којашто можеби за македонските граѓани е најважна, а тоа е дека двете влади се договорија во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија“, изјави Мицкоски.
„Унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада сума од 500 милиони евра под следните услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години“, се вели во снимената изјава на Мицкоски.
Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина, кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е унгарската Влада и да побараме поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија.
„Сакам да ја информирам македонската јавност дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години“.
Македонската економија ќе добие услови кои што досега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти, кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните.
Денеска завршува НАТО Самитот, со кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата.
Премиерот, со дел од делегацијата, попладне заминува во Њујорк според извори од Кабинетот, а утре и задутре ќе има средби со македонските иселеници.