Линкови за пристапност

Методи Хаџи-Јанев: Инвазијата врз Газа ќе ги претвори цивилите во топовско месо


Методи Хаџи-Јанев: Цивилите ќе се доведат во несакана ситуација, да бидат жртва, топовско месо на операциите меѓу силите на Израел и милитантите на Хамас
Методи Хаџи-Јанев: Цивилите ќе се доведат во несакана ситуација, да бидат жртва, топовско месо на операциите меѓу силите на Израел и милитантите на Хамас

Судирот Израел - Хамас може да ги разгори регионалните замрзнати конфликти, смета професорот од Воената академија во Скопје, Методи Хаџи-Јанев, кој додава дека воените случувања можат да го стават Западот на тест и во опасност да биде вовлечен во тамошниот судир. Ниту Балканот не би бил имун.

Хуманитарна криза, разурнувања, голем број човечки жртви, но и глобални безбедносни и геополитички турбуленции. Тие се веројатните последици од можното навлегување на израелските трупи во појасот Газа и од продолжувањето на тамошниот конфликт. Така смета професорот од Воената академија во Скопје, Методи Хаџи-Јанев.

„Може да предизвика сериозни проблеми заради две причини. Прво заради тоа што има голем број цивили и заради тоа што има милитанти, коишто се меѓу тие цивили. Како резултат на тоа, цивилите ќе се доведат во несакана ситуација, да бидат жртва, топовско месо на операциите меѓу силите на Израел и милитантите на Хамас“.

Професорот посочува дека сегашниот конфликт на Блискиот исток е различен од претходните зашто се случува паралелно со војната во Украина и со движења насочени против западните демократии.

Aftermath of an Israeli strike in Khan Younis
Aftermath of an Israeli strike in Khan Younis

„Тој не се води сега изолирано, туку паралелно со еден друг конфликт. Тоа е војната во Украина којашто, пак, го задвижи т.н. глобално ревизионистичко движење предводено од Русија и од Кина“.

Сите актери сега почнуваат да вадат своја интерпретација која оди во нивна корист, независно дали станува збор за пан-арапско движење против Израел, независно дали станува збор за ревизионистичко движење против глобалниот Запад

Но, и со движења насочени против западните демократии.

„Тоа значи дека сите актери сега почнуваат да интерпретираат, да вадат своја интерпретација која оди во нивна корист и во нивна стратешка цел, независно дали станува збор за пан-арапско движење против Израел, независно дали станува збор за ревизионистичко движење против глобалниот Запад. Меѓутоа, и едните и другите се насочени против тој глобален Запад и воедно се ставаат во линијата на фронтот на предизвикувачите на либералната демократија“.

Хаџи-Јанев смета и дека евентуалното поврзување на арапскиот и муслиманскиот свет ќе го стави Израел во неповолна позиција.

„Тоа може да биде многу кобно за Израел на теренот, бидејќи воено-оперативната надмоќ, ако ја споредите со глобалната мобилизација, којашто би настанала во тој арапски свет, којшто сега, би рекле, дека би застанал на таа линија на фронт против Израел, би можел да го направи Израел инфериорен“.

Demonstrators protest inside the Cannon House Office Building on Capitol Hill in Washington
Demonstrators protest inside the Cannon House Office Building on Capitol Hill in Washington

Додава и дека Западот ќе биде ставен на тест.

„Глобалниот Запад и сојузниците да ги доведе во една тест ситуација, каде што потенцијално можат да бидат втурнати во регионален конфликт, којшто нема да биде сам по себе. Туку заедно со конфликтот во Украина и потенцијалната опасност на Пацификот. Тоа е Кина да почне да дејствува согласно нејзините цели и амбиции коишто ги има“.

Според Хаџи-Јанев можни се глобални промени за ревизија на светската мапа на моќ и влијанија, но додава дека и таму постојат разлики кај дел од главните играчи.

„Русија, Кина, прво како државни актери имаат различна цел за тоа како тие го гледаат ревизионизмот. На Русија не ѝ одговара глобализацијата, тие се антиглобалисти. На Кина, пак, ѝ одговара глобализацијата. Да бидеме коректни, Кина ја направи целата моќ благодарение на глобализацијата којашто западната цивилизација ја исфорсира. Од друга страна, благодарение на таа глобализација, исламистичките движења успеаја да направат глобално движење, да се поврзат меѓу себе, да ги експлоатираат и да ги корумпираат демократските процеси. Преку нив да анулираат одредени недостатоци коишто ги имаат кон западната цивилизација“.

Целта на овие лажни вести, вадењето на работите од контекст, манипулацијата со вистините или полувистините, има за цел да изврши глобализација и да изврши омасовување

Според професорот, глобалното влијание на сегашните случувања во голема мера ќе биде последица и од дезинформациите поврзани со конфликтот.

„Целта на овие лажни вести, вадењето на работите од контекст, манипулацијата со вистините или полувистините, има за цел да изврши глобализација и да изврши омасовување. Задвижување на сили коишто во моментот се неутрални или имаат пасивна поддршка на едната или на другата страна. Таа пасивна поддршка да ја претворат во активна и како резултат на тоа да создадат верижна реакција од каскадни ефекти, коишто никој не може може да ги контролира“.

Според Хаџи-Јанев, можни се обиди и за разгорување и на таканаречените замрзнати регионални конфликти, од кои не би бил поштеден ниту Балканот.

„Обидите на Русија за всушност да ги оствари своите цели преку анулирањето или преку создавање на потенцијални жаришта или возобновување на одредени жаришта, со манипулации, со дезинформации за свои цели, повикувајќи се дали на двојните стандарди, дали на незадоволството од евро-атлантските интеграции, дали на внатрешните проблеми како што се корупција, организиран криминал, дали на нерешени етнички проблеми, значи експлоатација на сите проблеми што тлееле. Да им даде спин којшто ќе биде во насока за пламнување на регионалните конфликти. Рамката на сите замрзнати конфликти или нивното решавања е евро-атлантската интеграција. Ако сега ја предизвикате таа рамка, тоа значи дека стабилноста на тие конфликт-менаџменти е предизвикана и истите можат лесно да пламнат“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG