Линкови за пристапност

Опасен тригер за помасовен конфликт: Анализа на професор Хаџи-Јанев за нападот врз болницата во Газа


Методи Хаџи-Јанев: Oпасно e дека овој настан можат да го искористат за тригер за глобализирање или за омасовување на конфликтот
Методи Хаџи-Јанев: Oпасно e дека овој настан можат да го искористат за тригер за глобализирање или за омасовување на конфликтот

Сегашната ситуација отвора опасност за вклучување и на други држави во судирот, па дури и глобализирање на конфликтот, смета генералот и професор Методи Хаџи-Јанев со кого разговаравме за можните последици од нападот врз болницата во Газа

Двете страни ќе имаат своја интерпретација на овој настан и е опасно дека можат да го искористат за тригер за глобализирање или за омасовување на конфликтот, вели генералот и професор за безбедност, Методи Хаџи-Јанев во изјава за Гласот на Америка.

Од него побаравме да ги протолкува последиците од нападот врз болницата во Газа каде, според изјавите на министерството за здравство во Газа, загинале 500 лица.

„Ова може да биде сериозен проблем, зашто двете страни сега ќе се обвинуваат кој всушност го сторил тоа, а со цел да се освои светската јавност“, вели Хаџи-Јанев, кој додава дека трагедијата на секоја војна е токму страдање на невиното и на цивилното население.

Професорот смета дека никој нема да ја добие војната на тврдење кој го извршил нападот.

Израел и сојузниците ќе продолжат да тврдат дека тоа е Хамас или залутан проектил, oдносно, несоодветно испален проектил на групација којашто е блиска до Хамас

„Израел и сојузниците ќе продолжат да тврдат дека тоа е Хамас или залутан проектил, oдносно, несоодветно испален проектил на групација којашто е блиска до Хамас. Гласноговорникот на израелската армија веќе посочи кон исламски џихад“, посочува Хаџи-Јанев.

Професорот укажува и на борбата преку споделување слики од нападот со цел да се поттикне масовност во конфликтот.

„Гласноговорниците и троловите, како и големата поддршка што (Хамас) ја уживаат во арапскиот, и пред сè во муслиманскиот свет, споделуваат пред сè видеа со кои имплицираат одговорност кај Израел“, вели Хаџи-Јанев.

ISRAEL-PALESTINIANS/GAZA-HOSPITAL
ISRAEL-PALESTINIANS/GAZA-HOSPITAL

Тој смета дека сегашната ситуација отвора опасност за вклучување и на други држави во судирите, па дури и глобализирање на конфликтот.

Ќе влијае на уште поголема, да речеме, мобилизација или кохезивност во муслиманскиот свет и поддршка за Палестина и палестинскиот народ

„Тоа е вклучување на голем број афилирани милитантни групи. Вклучување дури и потенцијално на државен актер, а тоа е Иран, во целиот конфликт. Секако, тоа ќе влијае на уште поголема, да речеме, мобилизација или кохезивност во муслиманскиот свет и поддршка за Палестина и палестинскиот народ“, заклучува професорот Хаџи-Јанев.

Министерството за здравство управувано од Хамас соопшти дека израелски воздушен напад во вторникот погодил болница во градот Газа преполна со ранети и други Палестинци кои барале засолниште, при што загинале стотици луѓе.

Израелската војска, пак, соопшти дека немала вмешаност во експлозијата во која загинаа стотици луѓе во болница во градот Газа и дека експлозијата била предизвикана од погрешно испукана палестинска ракета.

Нападот се случува во време кога САД се обидуваа да го убедат Израел да дозволи испорака на материјали за цивилите, хуманитарните групи и болниците во Газа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG