Линкови за пристапност

Сенатските првенци постигнаа договор за отворање на владата, задолженоста


Па сепак, неизвесно дали мерката ќе добие доволно гласови во Претставничкиот дом, каде мнозинство имаат републиканците

Првите луѓе на републиканците и демократите во Сенатот во минута до дванаесет изготвија спогодба за повторно отворање на федералната влада, со која истовремено земјата ќе избегне ситуација да не може да си ги подмири финансиските обврски, што би имало последици по глобалната економија.

Веста за спогодбата ја објавија водачот на демократското мнозинство во Сенатот, Хари Рид, и првиот човек на републиканците во овој дом, Мич Меконел. Според Рид, обете страни ги оставиле разликите настрана, за земјата да избегне финансиска катастрофа.

Спогодбата обезбедува средства за владата да може да продолжи со работа се` до 15-ти јануари, а истовремено и доволно пари за сметките на САД се` до 7-ми февруари.

Портпаролот на Белата куќа ги пофали сенатските водачи за натпартискиот договор, велејќи дека претседателот Барак Обама се надева дека обата дома во Конгресот итно ќе ја усвојат предлог-мерката.

Рид и Меконел деновиве интензивно работеа на верзија на мерката што би можела да мине и во Сенатот, и во Претставничкиот дом, пред да дојде на конечен потпис кај претседателот Барак Обама. Па сепак, неизвесно е дали таа ќе добие доволно гласови во Претставничкиот дом, каде мнозинство имаат републиканците.

Одделот за финансии предупреди дека без постигнат договор, од утре не ќе има доволно пари да ги плати сите сметки, што, пак, би можело да предизвика пад на берзите.

Владата цели 16 дена беше под клуч, поради што запреа сите, освен најпотребните услуги. Беа затворени и националните паркови, музеји и споменици.
XS
SM
MD
LG