Линкови за пристапност

Владиното затворање повлече протести


Демонстрации во Вашингтон, Чикаго, Бостон и Атланта...

Делумното затворање на американската влада принуди стотици илјади вработени во неа да останат дома, ограничени се или запреа одредени владини услуги, а избија и протести со повици до политичарите да стават крај на буџетската криза.

Владата ќе навлезе во трета недела од новата фискална година без одобрен буџет. Тоа се одразува на редица нешта, од затворање на популарните национални паркови, до застој во услугите како земање кредити за домување, на пример.

Ефектите на кризата предизвикаа протести во редица градови во САД.

Синоќа во Вашингтон, на протестот што го организираше движењето Ти парти, неколку стотици лица ги отстранија оградите пред затворените споменици на Националното шеталиште и
однесоа дел од оградите пред Белата куќа, заедно со транспаренти што го критикуваа претседателот Барак Обама.

Некои критичари на претседателот го напаѓаат дека наредил популарните атракции да бидат затворени во обид, за своја политичка добивка, да ги максимизира ефектите на
владиното затворање.

Демонстранти имаше и пред зградата на Конгресот, кои беа незадоволни што народните пратеници во повеќе наврати не успеаја да најдат решение за буџетската криза.

Вработените во федералната влада излегоа на протести во Чикаго, Бостон и Атланта. Неделава се планирани нови демонстрации. Утре, верски водачи и делегации на владини вработени планираат да појдат во посети на канцелариите на конгресните претставници на Капитол хил.

Барем еден Американец не чекаше на законодавците да најдат решение. Во отсусутво на вработените задолжени за одржување на спомениците, жител на Северна Каролина минатата недела дојде со сопствена косилка во Вашингтон и започна да ја коси тревата и да ги собира паднатите лисја и отпадоците. Неговиот потег поттикна други да се организираат во спонтани граѓански иницијативи за одржување на спомениците додека трае владиното затворање.
XS
SM
MD
LG