Линкови за пристапност

Крајниот рок наближува


САД се` поблиску до неисплаќање на долговите, што би можело да наштети и на светската економија.

Американскиот претседател Барак Обама ја откажа планираната попладневна средба со демократските и конгресни водачи од обата дома на Конгресот, со објаснување дека сака да им даде дополнително време да постигнат напредок во буџетската ситуација.

Земјата е се` поблиску до неисплаќање на долговите, што би можело да наштети и на светската економија.

Најновата средба на демократските и републикански претставници од Сенатот и од Претставничкиот дом со Обама и потпретседателот Џо Бајден во Белата куќа требаше да се случи на 14-от ден откако владата остана делумно затворена поради несогласувањето околу нејзиниот буџет и крајната граница до која може да се задолжи нацијата. Доколку не најдат компромис за второто до 17-ти октомври, земјата би западнала во ситуација да не може да си ги подмири финансиските обврски.

Републиканците бараат мало покачување на границата на задолжување и поголеми буџетски кратења, додека демократите инсистираат на поголемо позајмување и краткорочна буџетска мерка што би ги отворила вратите на владата.

По претходната средба што се одржа викендов, лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Хери Рид, и првиот човек на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, најавија дека постојат добри шанси ситуацијата да се разреши до овој четврток.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард за ТВ-мрежата НБЦ изјави дека постои опасност од нова глобална рецесија, освен доколку САД не ја кренат границата на задолжување.

Конгресните лидери и Обама работат и покрај денешниот празник, Денот на Колумбо, што ја означува годишнината од пристигнувањето на италијанскиот истражувач во Америка. Во изминатите 20 години, Сенатот и Претставничкиот дом на овој ден заедно биле на работа само еднаш, во 1998-ма.
XS
SM
MD
LG