Светската здравствена организација раководеше со лекарските испитувања на 10 лица заболени од птичји грип во Виетнам, каде ова заболување досега однесе најмногу човечки жртви. Според резултатите од испитувањата, најновиот вид на вирусот на птичјиот грип - Х-5-Н-1, дејствува многу брзо по заразувањето се него.
Светската органзација соопшти дека симптомите се појавуваат за само два до четири дена по заразувањето и повеќето од погодените умираат за околу 10 дена. Само еден од 10-те лица кои биле испитани се опоравил, а еден останува во критична состојба.
Во Витенам од птичји грип починаа вкупно 14 лица. Болеста, појавувајќи се во различна форма на вирусот, направи пустош во птичните и живинарски фарми во 10 азиски држави. Досега се усмртени десетици милиони птици и живина, во обид да се спречи ширењето на болеста.
Др.Ленс Џенингс, виролог во седиштето на Светската здравствена организација во Манила, подвлекува дека резултатите од лекарските испитувања во Виетнам покажале дека има мали шанси за оздравување од птичјиот грип.
“Кога се заразени луѓето, тоа е екстремно патогено и колку оваа болест е сериозна може да се види по малиот број на преживеани пациенти“, вели тој.
Сепак, Др. Џенингс вели дека може да има и поблаги случаи на птичјиот грип кај луѓе кои никогаш не побарале лекарски третман, така што е прерано да се изведуваат дефинитивни заклучоци за смртноста кај луѓето.
Според студијата на Светската здравствена организација, главни симптоми на птичјиот грип кај луѓето се висока температура, тешкотии при дишењето и кашлање, а често и воспаление на белите дробови. Ниту една од жртвите, според студијата, не пријавила болки во грлото и течење на носот.
Марија Ченг, портпарол на Светската органзиација во Ханој, вели дека со фактот што се познати симптомите им помага на лекарите да постават дијагноза на оваа болест.
“Тоа ќе им помогне на лекарите на клиниките, доколку забележат неколку од симптомите кај ист пациент, кој можеби бил во допир со птици, да проверат дали се работи за вирусот Х-5-Н-1“, вели Др.Ченг.
Со оглед на фактот дека најголем број од случаите во Виетнам и Тајланд беа фатални, некои научници во ОН велат дека овој вирус можеби е посмртоносен од видот во 1997-ма година кога беа заразени 18 жители на Хонконг, од кои шестмина починаа.
Иако годинава птичјиот грип се појави само во две држави, Светската здравствена органзиација стравува дека од вирусот може да се заразат луѓето во Кина, Лаос и Индонезија, каде што болеста брзо се прошири меѓу живината. Кина денеска пријави уште седум случаи на епидемијата кај животни, меѓу кои и еден лебед во Шензен, град кој се граничи со Хонконг. Агенцијата за храна и земјоделство на ОН денеска соопшти дека болеста во Азија се уште не е ставена под контрола.