Линкови за пристапност

Дијаспората не прифаќа Албанец за премиер


Македонски аналитичари за Гласот на Америка коментираат на реакциите на иселениците и на тоа во кој правец оди Македонија.

На Денот на независноста на Македонија - 8-ми Септември, две организации на етнички-македонските иселеници во прекуокеанските земји испратија соопштенија во кои протестираат по повод информациите и медиумските шпекулации последните денови, дека при евентуална коалиција на СДСМ и ДУИ, е можен нивен договор - премиер на новата влада да биде етнички Албанец.

Управата на Македонската православна црква “Св. Климент Охридски“ во Торонто, како дел од бројната македонска заедница во Канада, испрати писмо до македонските медиуми во кое се вели: „Ние како македонски иселеници осудуваме секаква тенденција која оди во таков правец. Предупредуваме дека никој нема право да прави пазар од националните интереси на Македонците. За нас е поразителна оваа идеја, а уште попоразителен е фактот што зад ваквото сценарио стојат политички субјекти од македонските политички партии. Таквите „византиски игри“ само ја разнишуваат довербата на граѓаните во македонските политичари. Создавањето на таква влада нема да биде репрезент на интересот на граѓаните и Македонците, туку вештачка конструкција направена според пазарите во партиските кабинети на Црвенковски и Ахмети“.

Иселениците во Канада ја предупредуваат македонската јавност дека според нив, Македонија не смее да биде заложник на ничиј политички пазар и дека „не вреди, во желбата за власт на неколкумина, да се гази по македнското достоинство. Македонија им припаѓа на сите кои живеат внатре во неа, но и на сите кои живееме надвор од нејзините граници и кои целосно сме посветени на својата татковина. Нашиот глас е дека не сакаме да не преставува премиер Албанец!“.

Федерацијата на македонски организации во Австралија, пак, реагираше дека таквата идеја е изневерување на македонските национални интереси.

„Нема да дозволиме тргување со македонската гордост и чувствата на сите Македонци. Да не заборавиме дека истите тие на кои сега СДСМ им нуди премиерско место, посегнаа по суверенитетот на државата. Таквата идеја преставува загрозување на иднината на државата, нејзината стабилност и целовитост. Република Македонија не е лична своевина ниту на Бранко Црвенковски, ниту на било која друга политичка партија или лидер. Таа држава им припаѓа на сите граѓани и на сите Македонци ширум светот. И, како Македонци, нема да дозволиме нашите интереси да бидат застапувани од премиер Албанец“, се вели во писмото на Македонците од Австралија.

Од Федерацијата му порачуваат на лидерот на СДСМ „доколку има таква желба и толкава демократичност во своите размислувања..., да отстапи од претседателското место во својата партија и својата фотелја да ја понуди на етнички Албанец“.

По повод реакциите на иселеничките организации се огласија и СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ потенцираше дека реакциите на организациите на македонската дијаспора се диктирани од владејачката ВМРО-ДМПНЕ. Опозиционата партија тврди и дека не преговара со владејачката ДУИ и дека „ниту има намера да партиципира во Влада во која премиер ќе доаѓа од редовите на ДУИ“. СДСМ ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека тргувала со македонската гордост и чувства и дека ги изневерувала македонските национални интереси.

„Крајно е лицемерно и истиот оној кој четири години ја дели власта и фотељите со ДУИ, да се обидува да обвинува друг за наводни преговори со истата партија“, коментираше СДСМ и изрази жалење што „управата на Федерацијата на македонски организации во Австралија дозволува да биде злоупотребена за дневно политичките потреби на ВМРО ДПМНЕ, потпишувајќи се на нивните ракописи“.

Во одговорот на ВМРО-ДПМНЕ стои дека мислењата и ставовите искажани за вакви важни теми - не се детска игра.

„На СДСМ не може никој друг да и` биде крив за ставови изречени од нејзини високи партиски функционери. СДСМ треба да престане едно да зборува во јавноста, а друго да прави. Таа треба да се однесува со повеќе почит и искрен однос спрема граѓаните на Република Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека „првичната и главна изјава за можноста претседател на владата да биде Албанец потекна од Љубмир Фрчковки, кој е долгогодишен функционер на СДСМ, нејзин претседателски кандидат и најблизок соработник на Црвенковски“, како и дека „нервозата која што ја има СДСМ не треба да ја истура врз сите што размислуваат различно од Црвенковски, бидејќи ниту дијаспората, ниту синдикатите, ниту Народната банка не се причина за катастрофалниот кадровски потенцијал и безидејноста која е присутна во СДСМ“.

За мислење и анализа на соопштенијата на организациите на македонската дијаспора од Канада и Австралија и за партиските реакции и конфронтации во Македонија, Гласот на Америка на македонски јазик им се обрати на аналитичарите д-р Мерсел Биљали, д-р Мирјана Најчевска и д-р Владо Бучковски, и на челникот на ЛДП Андреј Жерновски.

Аналитичарот Биљали, поранешен советник за надворешна политика на претседателот Борис Трајковски, ги толкува реакциите на македонските иселеници токму на Денот на независноста како „само една епизода од филмот што го гледаме веќе седум години. Тоа е нарачка на власта! Актуелната гарнитура не само што ништо корисно не направи за своите граѓани, туку таа процесите ги врати назад и тоа во сите домени. Сега имаме многу полоша економска состојба, многу поголема сиромаштија, поголемо задолжување, поголем дефицит, поголем организиран криминал и многу помалку демократија. Власта при ваква ситуација, национализмот го користи како спасоносна сламка или како маска за покривање на катастрофалната ситуација“.

„Соопштенијата од Австралија и Канада се рефлекс на политиката на Никола Груевски, како што беа и извикувањата на стадионите и тепачките по улиците во изминатиот период. Но, мислам дека наскоро ќе и дојде крај на ваквата политика и дека некој ќе треба да полага сметки за многу работи“, смета Биљали.

И професорот и екс-премиер Владо Бучковски е дециден дека „реакциите од Австралија се партиски диригирани. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ е нарачателот!“

Професорката Мирјана Најчевска, пак, не гледа ништо неочекувано во овие и вакви реакции.

„Имено, во изминатите 21 година ниту една владејачка структура во ниту еден момент не го издигна на ниво на наш специфичен приоритет заедничкото живеење и градењето на мултикултурализмот како составен дел на граѓанската демократија. Напротив, се направија сите чекори во насока на поделба по етничка линија, етницитетот се издигна на ниво на единствен елемент на сопственото идентификување и демократијата се стави во функција на етничноста, наместо обратно. Оттука, сосема очекувано е токму на ова одбележување, да дојдат до израз разликите и несогласувањата на различните етницитети во Република Македонија“, смета Најчевска.


За либерал-демократот Андреј Жерновски, „реакциите кои пристигнаа од здруженијата на македонските иселеници од Австралија и Канада, а кои се темелат на медиумските шпекулаци за наводно коалицирање и за премиер Албанец, се груба манипулација со дијаспората. За жал, на ВМРО-ДПМНЕ не и’ е првпат да ги злоупотребува иселениците. Најголемата манипулација ја направи преку гласањето на дијаспората. ЛДП, имајки ги предвид сите недоречености во Изборниот законик, тогаш јасно се спротивстави на таквиот начин на избор на пратеници. Укажавме дека Македонија не е подготвена да спроведе фер и демократски избори на територијата на Европа, Америка и Австралија, што се покажа како точно. Овие пратеници не само што се избрани со незначителен број на гласови, туку и во Собранието не се знае кого тие претставуваат и чии интереси бранат“.

На прашањето како го коментира ставот од контра-соопштението на СДСМ дека оваа партија „ниту преговара, ниту има намера да партиципира во Влада каде премиер ќе доаѓа од редовите на ДУИ“, професорот Бучковски, поранешен лидер на СДСМ, одговара сосема кусо: „СДСМ продолжува да го имитира ВМРО-ДПМНЕ и делува загубено“.

И според професорот Биљали, „СДСМ одамна го има загубено компасот, таа несвесно си одработува во корсит на власта. Таа сега е доведена во состојба да се одбрани од нападите на власта, иако е опозиција. На СДСМ и` е набиен комплекс на предавник и тука ништо не помага. Таа партија не знае како да се одбрани од инфериорната позиција и да тргне офанзивно. Мислам дека на СДСМ и треба нов лидер со силен кредибилитет кој знае што е економски развој, и го докажал тоа. Значи, треба нов човек кој ќе уфрли нова магија, што ќе резултира со ново престројување. За губењето на многу драгоценото време одговорност имаат и првите луѓе на СДСМ, кои како да не ја сфаќаат реалноста. Тие продолжуваат проблемите да ги третираат врз основа на лични пресметки и суети. Како не разбираат дека еден Груевски, кој состојбата во сите домени ја доведе до хаос, сепак има повисок рејтинг! Треба да се погледнат малку во огледало...“

Д-р Најчевска мисли дека „ова е единствен можен одговор во една ваква ситуација, доколку СДСМ сака да обезбеди мнозинство гласачи на идните избори. По 21 година градење на етнички поделено општество во кое единствен начин на комуникација меѓу етницитетите е партиското договарање и трговија, еден ваков чекор може да биде перцепиран и протолкуван, пред се`, како слабост на македонската страна и нова отстапка направена на, според многу Македонци, узурпаторите на власта кои искористиле насилни средства за да дојдат на владеачки позиции“.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик - има ли шанси премиер на Македонија во догледно време, да биде етнички Албанец? Експертите излегоа со различни ставови.

„А зошто да не? Нели сите граѓани се рамоправни според сите норми? Не само Албанец, премиер може да биде и секој друг – Турчин, Србин, Ром, Влав, Торбеш... Поставувањето на проблемот – дека е фатално ако имаме Албанец како носител на важна функција - не доведува до сериозен проблем! Тогаш сме блиску до фатален исход. Ние и по 21 година самостојност, не се движиме напред, туку назад. Вакво мислење немаше пред седум години. Значи, актуелната власт упорно работела да не` доведе до оваа ситуација која замирисува на фашизам“, тврди Биљали.

Жерновски смета дека Македонија е се’ уште далеку од моментот кога ќе има премиер Албанец, но очекува, „со текот на времето и со зреење на демократската свест, да се отвори и таква можност. Се разбира, тоа значи да дојдеме до тоа ниво кога во Македонија ќе се гласа за личност и за неговите индивидуални квалитети, независно од етничката или од верската припадност. Знам дека сега тоа звучи утопистички, но ни во САД, пред само неколку децении, никој не верувал дека еден ден претседателот на државата ќе биде Афроамериканец“.

Бучковски, пак, смета дека „во оваа наметната политичка криза“ - не е можен премиер - Албанец, но дека „на среден рок, се е можно!“

Најчевска потенцира дека според сите објективни параметри, засега нема шанси за премиер - етнички Албанец. „Не само заради атмосферата на етничка поделеност која е градена во изминатите 21 година, и не само заради проблематичните столбови на насилство врз кои изникна главната политичка сила на Албанците – ДУИ, туку, пред се`, заради тоа што нема вистински капацитет во албанското политичко ткиво за продуцирање на човек кој може да биде премиер на сите етнички заедници кои живеат во Македонија и кој може да понуди излез од стапицата во која сме фатени. Социјалниот притисок и диктатот на сопствената заедница е многу поголем врз Албанците во Македонија, отколку врз Македонците, а во изминатиов период ниту еден албански политичар не успеа да покаже доволна цврстина и самостојност кои би биле перцепирани како брана на овој притисок. Имено, секој албански политичар во моментот на освојување на власта, прво ја продлабочуваше поделбата и ставаше јасно до знаење дека негова првенствена грижа е една етничка заедница – неговата сопствена“.

На сите експерти им го поставивме и прашањето - каде оди Македонија?

Според Бучковски, „Македонија влегува во стимулирана политичка и инсититуционална криза. ВМРО – ДПМНЕ вешто го фати во стапица СДСМ со Законот за бранителите. Сега сме дефинитивно пред нова сериозна меѓуетничка конфронтација“

Според Биљали, „Македонија подолго време работи против сопствените круцијални интереси, си пука во сопствената нога, а сега се подготвува да си пука и во главата! Со многу лоша политика, Македонија сама наметнува став кај меѓународната заедница дека е нефункционална држава. Сега и од меѓународните аналитички центри можете да прочитате коментари дека зачувувањето на Македонија е поголем проблем за регионот отколку нејзината поделба меѓу државите во регионот! А, во почетокот на 90-тите години на минатиот век се мислеше сосема поинаку, дека нејзиниот распад би бил голем проблем! И затоа, и ја сочувале. Но, ако таа самата не сака да живее, нема да и помогнат другите. За жал, поради желбата за власт и за збогатување, водачите и нивните луѓе, како во крајна линија да не ги интересира што ќе стане со државата“.

Либерал-демократот Жерновски истакна дека мислењето на преку 67% од граѓаните на последните анкети спроведени во земјата е оти Македонија се движи во погрешна насока. „Економската ситуција е катастрофална, бројот на невработените никако да се намали, стапката на сиромаштија е енормно висока, стандардот и на оние кои работат е на најниско ниво. Индустриското производство бележи драстичен пад, секојдневно се затворат фирми, странските инвестиции ја заобиколуваат Македонија. За жал, и на надворешен план ситуацијата не е ништо подобра, бидејќи процесот на евро-атлантската интеграција е целосно закочен. Ако кон сето ова се додадат и последните настани и влошените меѓуетнички односи, ситуацијата е повеќе од загрижувачка. Од друга страна, пак, наместо да ги решава напластените проблеми, Владата се бави сама со себе. Кризата меѓу коалициските партнери, без разлика дали е вистинска или фингирана, негативно се одразува врз сите сегменти во државата“.

Според Најчевска, „во отсуство на граѓански концепт и изградба на граѓански идентитет во Македонија кој ќе ги потисне етничките идентитети во приватната сфера, и, во отсуство на елементарно функционирање на демократските институти и на владеењето на правото, Македонија е осудена на ретрограден процес кој подразбира и употреба на ретроградни методи на справување со проблемите. Или, во Македонија се воспоставува ретрокомунистички систем во кој едноумието, партиската определба и диктатот го претставуваат вистинското лице, а демократијата и демократските институции се само маска“.
XS
SM
MD
LG