Линкови за пристапност

21-ва годишнина од независноста на Република Македонија


Манифестации во престолнината, ширум Македонија и во дијаспората.

Сум кажал и повторно ќе кажам: Каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме! Наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сè она што нè очекува. Тоа е наша одговорност. Одговорност од секој поединец, без разлика на неговата етничка, религиозна или која било припадност. Одговорност од секоја заедница, од секоја политичка партија. Одговорност од секоја институција, почнувајќи од мене како претседател, од власта, опозицијата, судството, администрацијата, медиумите, цивилното општество. Едноставно, секој има свој влог и одговорност во реализацијата на стратешките цели. На тој пат, нема место за изговори и избегнување на обврските и одговорностите“, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во обраќањето на Свечената академија по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија.

​Обраќајќи се пред претседателот на Собранието, пред претставници на Владата, на судството, на верските заедници и на дипломатскиот кор во Скопје, Иванов на свечената академија побара од граѓаните заедно да ја создаваат Македонија како слободна и демократска земја, држава која се грижи за интересите на своите граѓани, која ги остварува европските вредности, стандарди и принципи во секојдневниот живот и која одговорно ги исполнува своите меѓународно преземени обврски. Тој апелираше за единство и побара одговорност од политичките партии и од власта и од опозицијата и сплотување околу националните интереси.


Македонија со низа настани одбележа 21 година од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава - убедливо мнозинство од над 95 отсто од граѓаните кои излегоа на референдумот позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Пред референдумот беше донесена Декларација за независност која првиот плуралистички македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991-ва година а по референдумот беше донесена Декларација за прифаќање на референдумските резултати, за на 17 ноември 1991-ва година да биде усвоен новиот Устав на независна и суверена Република Македонија.

а церемонијата во „Вилата Водно“ на свеченото менување на државното знаме, покрај претседателот Иванов и неговата сопруга, присуствуваа и ученици од неколку основни и средни училишта, а на пладне, во паркот „Жена борец“ во центарот Скопје беше отворен Споменикот на паднатите херои за Македонија, при што беше запален и вечниот оган. Цвеќиња по повод празникот, пред споменикот положија премиерот Никола Груевски, претставници од Кабинетот на претседателот на Републиката и на македонското Собрание, градоначалниците на Скопје и на општината Центар. Со премиерот, на свеченоста присуствуваа и министрите Зоран Ставрески, Елизабета Канческа-Милевска, Никола Тодоров и Миле Јанакиески.


Претседателот на Собранието Трајко Вељановски во својата честитка до граѓаните истакна: „Денес во светот многу народи и држави имаат свои, големи, историски датуми и настани. Тие ја обликуваат свеста на граѓаните и ги проектираат патиштата по кои се движиме. Тие се и паметник за времињата што поминале, но и најголем потсетник за одговорноста што ја имаат. Македонија во минатиот век ја одбележаа три клучни настани: Илинден 1903-та, АСНОМ 1944-та и 8-ми Септември 1991-ва година кои се нашите меѓници на патот кон освојувањето на слободата... Убеден сум дека 8 Септември е денот кога таа цел се оствари, благодарение на решеноста на граѓаните на Република Македонија на најдемократски начин преку референдум да ја изрази својата волја за сопствена држава вреднувајќи го идеалот и стремежот на нашите предци“, се вели во честитката на Вељановски.

Премиерот Груевски присуствувашe на повеќе настани, а по свечената академија во МОБ, беше и еден од над 60.000 граѓани кои на Националната арена „Филип Втори Македонски“ го проследија спектакуларниот концерт „Македонското срце чука во 7/8“, на кој учествуваа 25 музички звезди од државите кои се осамостоија по распадот на некогашна Југославија. Концертот на триото Тавитјан собра импресивна листа уметници: Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ.

Празникот на граѓаните им го честитаа и владејачките и опозиционите партии. Во честитката на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека „овој празник претставува остварување на вековниот сон на многу генерации Македоци за формирање на самостојна и независна држава, со свој суверенитет, свое знаме, химна, свои институции и валута. Дотолку повеќе е значаен денешниот празник кој е изблик на огромната референдумска поддршка која ја дадоа граѓаните, одлучувајќи се за самостојност и независност. Сосема свесно, храбро и одлучно, граѓаните на Македонија се решија за патот за самостојна и суверна држава. Денешниот ден претставува остварување на една голема идеја, спроведување на природното право да се има своја држава со свој идентитет, јазик, традиција и обичаи“.

Во честитката на опозиционата ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски се вели: „Македонскиот народ, како пиреј, поминал низ сите препреки. Нашите срца, денес нека бидат полни со гордост, здрав патриотизам и надеж. Надеж дека Македонија ќе слави уште многу јубилеи. Надеж дека ќе одиме во вистински правец и надеж дека на идните генерации ќе им подариме живот и земја каква што заслужуваат“.

Денот на независноста го одбележаа и иселениците. Според медиумските извештаи, во центарот на Торонто, Канада, пред Собранието на Онтарио, било подигнато македонското знаме, во организација на Генералниот конзулат на Македонија во Торонто, во присуство на стотици Македонци и гости. Присутните ги поздравиле генералниот конзул Драган Ѓурчевски и претседателот на најстарата иселеничка организација „Обединети Македонци“.

И во австралискиот град Мелбурн, тамошните власти ѝ оддале почит на Македонија по повод нејзиниот празник со истакнување на македонски знамиња во центарот.

XS
SM
MD
LG