Лидерите на НАТО денес се собраа во Вилнус барајќи да ги надминат поделбите околу кандидатурата за членство на Украина, по договорот за укинување на блокадата од страна на Турција за приклучување на Шведска во воената алијанса.
На самитот во главниот град на Литванија ќе доминираат прашањата за последиците од руската инвазија на Украина, при што лидерите ќе ги одобрат првите сеопфатни планови на НАТО од крајот на Студената војна за одбрана од каков било напад од Москва.
Дипломатите рекоа дека разликите се намалуваат поради притисокот на Украина за членство во НАТО.
Иако членките на НАТО се согласуваат дека Киев не може да се приклучи за време на војната, тие не се согласуваат околу тоа колку брзо тоа би можело да се случи потоа и под кои услови.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е поканет да присуствува на собирот во Вилнус, врши притисок врз НАТО да ѝ даде на неговата земја јасен пат за членство во коминикето на самитот за да може да се приклучи веднаш по завршувањето на војната.
„Ние сè уште работиме на формулацијата... но веќе го разбираме фактот дека Украина ќе биде во Алијансата“, напиша Зеленски на Твитер вечерва.
Тој рече дека Украина „работи на тоа да го направи алгоритмот за добивање членство што е можно појасен и побрз“.
Членките на НАТО во Источна Европа го поддржаа ставот на Киев, тврдејќи дека ставањето на Украина под чадорот на колективната безбедност на НАТО е најдобриот начин да се одврати Русија од повторно напад.
НАТО беше формиран во 1949 година со примарна цел да се спротивстави на ризикот од советски напад на сојузничката територија.
Земјите како што се САД и Германија беа повнимателни, претпазливи за каков било потег за кој стравуваат дека може да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија и потенцијално да предизвика глобална војна.
Тврдењата дека „заслуженото место на Украина е во НАТО“ и дека ќе се приклучи „кога ќе дозволат условите“ се меѓу фразите за кои се разговара за финалниот текст, велат дипломатите.
Некои од источните сојузници на Украина сакаат да биде вклучен зборот „покана“. Преговорите се фокусираа и на условите што Украина треба да ги исполни за да се приклучи на НАТО и како треба да се следи нејзиниот напредок, велат дипломатите.
Извор: Ројтерс