Членките на НАТО денес останаа поделени околу потенцијалното членство на Украина во НАТО пред самитот во Вилнус, Литванија, утре и в среда.
Членките на НАТО во Источна Европа кои се на директен пат на руската агресија го поддржаа влезот на Украина.
Но, земјите како САД и Германија стравуваат дека ако Украина стане членка на НАТО пред крајот на војната, тоа ќе ја вовлече целата алијанса во конфликтот против Русија и потенцијално ќе предизвика глобална војна.
Сепак, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, рече дека предложил пакет кој вклучува отстранување на клучниот услов за влез на Украина во алијансата: список на политички, економски и воени цели што другите источни европските нации мораа да ги остварат пред да се приклучат на алијансата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се очекува да присуствува на самитот, сака да се разјасни кога НАТО го предвидува пристапот на Украина во алијансата по завршувањето на руската војна против Украина и бара безбедносни гаранции до тој момент.
Столтенберг во понеделникот рече:
„Не е донесена конечна одлука, но на самитот сум апсолутно сигурен дека ќе имаме единство и силна порака за Украина“.
Тој рече дека лидерите на самитот во Вилнус оваа недела ќе се договорат за „повеќегодишен пакет поддршка“ за Украина.
„Овој пакет ќе ѝ помогне на Украина да го обнови својот одбранбен и безбедносен сектор, за да може да се брани од понатамошна агресија“, рече Столтенберг во текстот за „Форин афеарс“ објавен денес.
„Тоа ќе обезбеди дека украинските вооружени сили се целосно интероперабилни со силите на НАТО“.
Шефот на НАТО рече дека алијансата ќе биде домаќин на првиот состанок на новиот совет НАТО-Украина што ќе служи како „платформа за одлуки и кризни консултации, каде што сојузниците на НАТО и Украина ќе седат како еднакви за да се справат со заедничките безбедносни грижи“.
Рускиот претседател Владимир Путин го наведе проширувањето на НАТО кон руските граници во последните две децении како причина за неговата одлука да ги испрати своите вооружени сили во Украина во февруари 2022 година.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека НАТО има политика на отворени врати за земјите кои бараат членство во НАТО.
Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс