Поранешниот американски амбасадор во Украина и потпретседател за Европа и Русија во Американскиот институт за мир, Вилијам Тејлор, во изјава за Гласот на Америка го повика претседателот Бајден и лидерите на НАТО на самитот во Вилнус да започнат патоказ што ќе доведе до членство на Украина во Алијансата што е можно поскоро.
„Украина треба да добие покана за членство во НАТО што поскоро што е можно побрзо, а постојаните претставници на НАТО во Брисел, вклучително и Украина, треба да добијат задача да направат пат, патоказ, патека со конкретни пресвртници што ќе донесат одлука на следниот Самит на НАТО во Вашингтон следната година“, рече Тејлор.
Претходно претседателот Џо Бајден јасно стави до знаење дека Украина мора да ги исполни сите стандарди што ги прават другите нации, за што Тејлор смета дека Украина веќе ги исполнува тие стандарди.
„Украина ќе биде обезбедувач на безбедност за Алијансата и за Европа и Соединетите Држави, така што тоа ќе биде јасна придобивка, но позицијата на САД еволуираше. Претпоставувам дека сè уште има дебата во администрацијата на Бајден за тоа каков јазик да се користи во Вилнус“, смета Тејлор.
Тејлор рече дека според последната анкета, 89 проценти од Украинците сакаат да влезат во НАТО, додека пак 92 отсто сакаат да се приклучат на Европската унија.
89 проценти од Украинците сакаат да влезат во НАТО- Вилијам Тејлор
„Тоа е многу силна поддршка, и Русите треба да почнат да го прифаќаат тоа, и тоа можат, нема причина да не можат. Русите прифатија и живееја со Украина 31 година. Русите живееја со балтичките земји, а Латвија, Естонија и Литванија се дел од НАТО. Ова не е закана за нив. Нема закана од Украина. Нема закана од НАТО за Русите. Русите можат да живеат со тоа, и штом ќе научат дека можат да живеат со тоа и дека ќе им биде подобро кога ќе живеат во мир со своите соседи, ќе прифатат дека Украина е во НАТО“, рече поранешниот американски амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор.
Курт Волкер, поранешен амбасадор во НАТО за Гласот на Америка вели дека Алијансата треба да го елиминира барањето за акционен план за членство, како што било во случајот со Финска и Шведска.
„Една од одлуките што ќе ја донесеме е да го елиминираме барањето за акционен план за членство. НАТО секогаш го наведуваше ова како неопходен чекор. Мислам дека ќе видиме дека тој чекор сега е елиминиран. Не е потребно, како што беше случајот со Финска и Шведска. Мислам дека ќе видиме и дека комисијата НАТО - Украина е надградена до Советот НАТО-Украина. Звучи како мала разлика. Но, она што го прави е тоа што и дозволува на Украина да учествува на некои состаноци на комитетот на Алијансата, само не на целосниот Северноатлантски совет, туку на многу други состаноци на комитетот и да седи заедно со сојузниците во многу активности што се одвиваат во НАТО на секојдневна основа, веројатно, исто така, ќе понуди да и помогне на Украина со стратегија за национална безбедност, национална одбранбена стратегија, долгорочно планирање на силите, зголемување на интероперабилноста на Украина со Алијансата, така што во моментот кога Украина ќе се приклучи на НАТО, ќе му биде многу полесно да го стори тоа“, рече Курт.
НАТО и вети на Украина дека може да се приклучи уште во 2008 година- Курт Волкер
Курт рече дека „не слушаме за политиката, целите и причините, објаснувањата кои излегуваат од Белата куќа и од американската влада. И така Русија ја пополнува таа празнина со свој наратив, кој е лажен“.
„НАТО и вети на Украина дека може да се приклучи уште во 2008 година на барање на Украина. Украина сакаше да се приклучи, а потоа НАТО не направи ништо 15 години. Значи, Украина не беше на реален пат кон НАТО, а сепак Русија ги нападна двапати во секој случај, па тоа е она што луѓето треба да го разберат“ изјави поранешниот амбасадор во НАТО, Курт Волкер.