Линкови за пристапност

Конгресменoт Бил Паскрел, кој се залагаше за влез на Македонија во НАТО, почина на 87 години


Конгресменот Бил Паскрел со украинското знаме додека гласаше за време на изборниот процес на претседателот на Претставничкиот дом на САД, петок, 20 октомври 2023 година (Фото: АП)
Конгресменот Бил Паскрел со украинското знаме додека гласаше за време на изборниот процес на претседателот на Претставничкиот дом на САД, петок, 20 октомври 2023 година (Фото: АП)

Американскиот конгресмен Бил Паскрел почина на 87-годишна возраст, објави неговото семејство денес на социјалните мрежи. Паскрел, демократ од Њу Џерси во Претставничкиот дом, летово постојано беше хоспитализиран поради респираторно заболување.

„Како наш американски конгресмен, Бил се бореше до последниот здив да се врати на работа што ја негуваше и на луѓето што ги сакаше“, рече неговото семејство во пораката објавена на конгресниот профил на Паскрел на социјалните мрежи.

„Тој сега е во мир по цел живот посветен на нашата прекрасна држава Америка“.

Паскрел служеше во Претставничкиот дом од 1997 година и се кандидираше за реизбор на општите избори во САД на 5 ноември. Да победеше, тој ќе беше најстариот член на Претставничкиот дом.

Паскрел беше конгресмен кој ги поддржуваше напорите за членството на Македонија во НАТО Алијансата.

„Се надевам дека нема да има промени, бидејќи САД секогаш имале добри односи со македонската заедница. Македонија секогаш ни помагала нам, преку испраќање на трупи во нашите војни. Ние сме добар партнер со неа, и мора да го почитуваме нејзиниот суверенитет“, рече Паскрел во интервју за Гласот на Америка на македонски на 9 јуни 2017 година.

Тој се залагаше за уставното име на Република Македонија, пред да биде склучен Договорот од Преспа, со кој уставното име на државата се промени во Северна Македонија.

Во тогашните изјави тој вели дека Македонија отсекогаш потенцирала оти нема ексклузивно право врз името Македонија во географска, културна, историска и комерцијална конотација.

Тој инсистираше дека Македонија во својот Устав ја зајакнала одредбата за неменливост на границите, додавајќи дека нема територијални претензии врз соседите.

„Република Македонија е цврст сојузник на САД и обезбедува војници за мисиите во Ирак и во Авганистан, во период кога бара полноправно членство во ЕУ и НАТО“, изјави Паскрел во 2010 година.

Конгресменот Паскрел, заедно со почесниот македонски конзул во Њу Џерси Славко Маџаров и членови на ОМД, вклучително и коосновачот Колоски
Конгресменот Паскрел, заедно со почесниот македонски конзул во Њу Џерси Славко Маџаров и членови на ОМД, вклучително и коосновачот Колоски

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која претставува половина милион Американци со македонско потекло, изрази жалење поради смртта на конгресменот Паскрел.

Методија Колоски, коосновач и почесен претседател на ОМД, кој бил практикант кај конгресменот Паскрел, рече:

„Конгресменот беше непоколеблив застапник за она што е правилно, секогаш ја зборуваше вистината со уверување. Засекогаш ќе го негувам неговото пријателство, неговата непоколеблива поддршка за нас и значајната улога што ја одигра во воздигнувањето на Македонија и македонско-американците во Вашингтон и Њу Џерси. Македонија загуби вистински пријател во Конгресот и никогаш нема да го заборавиме“.

Македонскиот почесен конзул во Њу Џерси Славко Маџаров, кој имал повеќе од триесетгодишно пријателство со конгресменот Паскрел уште кога дошол во САД, изјави:

„Бил беше повеќе од пријател, тој беше семејство. Тој несебично даваше за своето семејство, неговите пријатели, својата заедница и нашата нација. Беше борец до самиот крај и се залагаше за подобра Америка. Моето срце е со Елси, неговите деца и внуци на кои беше многу горд, во ова време на тага“.

Дел од информациите се од Ројтерс

XS
SM
MD
LG