Линкови за пристапност

Четворица конгресмени го поддржуваат македонското членство во НАТО


Македонија заслужува покана на Самитот во Букурешт, истакнуваат републиканците Кендис Милер од Мичиген и Марк Саудер од Индијана, како и демократите Ерл Померој од Северна Дакота и Бил Паскрел од Њу Џерси, наведувајќи дека земјата е посветен и високо ценет сојузник на САД, чии сили се борат рамо до рамо со американските во Ирак и Авганистан, а учествуваат и во мировните мисии во Босна и Либан. Конгресментите предочуваат дека Македонија неодамна го удвоила бројот на војници во Ирак и потсетуваат на прибежиштето што го пружи за 360-те илјади косовски бегалци во 1999-та. Писмото ги истакнува и македонските реформи во однос на владеењето на правото, заштитата на граѓанските права, пазарната економија и одбраната.

Четворицата конгресмени се осврнуваат на грчката закана од вето доколку Македонија не го смени името и на фактот дека преку 120 земји ја имаат признато под уставното име. Тие посочуваат и на Резолуцијата на Претставничкиот дом број 356 од мај 2007-ма, што бара од Македонија (ословувана во резолуцијата како ФИРОМ) да се држи до Времената спогодба и воздржува од непријателски активности и пропаганда. Померој, Саудер Паскрел и Милер сметаат дека резолуцијата има потенцијал да ги попречи односите меѓу САД и Македонија и негативно да одекне меѓу американските пријатели и сојузници.

„Со погрешната референца кон Македонија со кратенката ФИРОМ и грчките сомнителни фактички тврдења за регионалните намери на Република Македонија, резолуцијата само ќе ја отуѓи Македонија, и покрај нејзината демонстрирана солидарност со САД“, стои во писмото. Ова прашање не треба да се решава на подиумот во Конгресот, сметаат четворицата конгресмени и додаваат дека третманот на прашањето преку меѓународна институција како ОН дава најдобра можност за изнаоѓање решение.

XS
SM
MD
LG