Израел денес соопшти дека го убил воениот началник на Хамас Мухамед Деиф, за кој се верува дека е главниот организатор на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа во средината на јули.
Министерот за одбрана Јоав Галант го нарече Деиф „Осама бин Ладен од Газа“, мислејќи на организаторот на терористичките напади на ал-Каеда во 2001 година во САД, во кои загинаа речиси 3.000 луѓе.
Галант рече дека убиството на Деиф на 13 јули „е значајна пресвртница во процесот на разбивање на Хамас како воена и управна власт во Газа и во постигнувањето на целите на оваа војна“.
Израелската војска во соопштението рече дека заклучила дека Деиф е мртов врз основа на проценка на разузнавањето, но не понуди дополнителни детали.
Хамас не ја потврди ниту негираше неговата смрт.
Израелските сили ја продолжија својата кампања во Газа денес со воздушни напади во Кан Јунис и копнени операции во Рафа и централна Газа, соопшти војската.
Иранската редакција на Гласот на Америка придонесе за овој извештај. Некои информации се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс