Линкови за пристапност

Хамас и Хезболах се соочуваат со дилеми за одмазда против Израел по убиството на клучните лидери


Шефот на Хамас Исмаил Ханијех за време на церемонијата на положување заклетва на иранскиот претседател во Техеран, Иран, 30 јули 2024 година
Шефот на Хамас Исмаил Ханијех за време на церемонијата на положување заклетва на иранскиот претседател во Техеран, Иран, 30 јули 2024 година

Поранешен израелски советник за национална безбедност изјави дека иранските прокси групи Хамас и Хезболах се соочуваат со дилеми кога размислуваат за одмазда против Израел за атентатите на двајца нивни високи членови во нападите врз Бејрут и Техеран во текот на неколку часа, почнувајќи од вторникот.

Генералот Џејкоб Нагел, поранешен советник за национална безбедност на премиерот Бенјамин Нетанјаху, разговараше за тие дилеми во телефонското интервју за Гласот на Америка денес.

Нагел е висок соработник во Фондацијата за одбрана на демократии, американска истражувачка група за надворешна политика и безбедност во Вашингтон.

Израел тврди дека го убил главниот воен командант на Хезболах, означена од САД како терористичка група, при напад врз зграда која е база на групата во јужен Бејрут.

Хезболах не соопшти дали воениот командант бил убиен во нападот.

Израелската влада и војската не го коментираа нападот за кој Иран и терористичката група Хамас соопштија дека го убил политичкиот шеф на групата Исмаил Ханијех во Техеран неколку часа подоцна.

Хамас и иранските државни медиуми го обвинија Израел за однапред подготвениот напад врз резиденција во иранскиот главен град, без да наведат докази.

На прашањето да реагира на убиството на политичкиот шеф на Хамас во Техеран, Нагел рече дела имало тројца политички шефови на Хамас одговорни за терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври, од кои двајца се тргнати, а „има уште еден да се оди“.

Гласот на Америка: Што мислите, како ќе одговори Иран?

Нагел: Иран ќе возврати. Тие обично го прават тоа со користење на Хамас или Хезболах. Хамас би сакал да возврати. Ним не им остануваат толку многу способности (по девет месеци борба против Израел). Ако сакаат да испукаат проектили кон Тел Авив, можат. Хезболах е сосема поинаков. Имаат многу способности. Тие треба да одлучат дали ќе го однесат својот (деветмесечен, на ниско ниво) конфликт со Израел на следното ниво на одмазда. Сакаат војна од сите размери или не? Ако тие возвратат на начинот на кој мислам дека ќе направат, Израел ќе мора да им се одмазди на истиот начин. Има доволно цели во Либан што можеме да ги нападнеме. А кој последен ќе се одмазди ќе видиме. Не е толку важно да се биде последен, туку какви се резултатите“.

На прашањето какви чекори очекува да преземат израелските власти во случај да има одмазда, Нагел рече:

„Командата на домашен фронт на Израел не менува ништо во однос на подготвеноста. Ако имаме одредена мерка на претпазливост што треба да ја преземеме, ќе ја преземеме. Во моментов, Израелците мора да слушаат какви било инструкции и ако има сирена, одете во засолниште. Ние се грижиме за безбедноста на Израел од север кон југ и од кое било друго место“.

XS
SM
MD
LG