Израелските одбранбени сили денеска објавија дека започнале офанзива во која учествуваат со трупи на копно, борбени авиони, вооружени хеликоптери и падобранци во областа Кан Јунис во јужниот дел на Газа – трета таква копнена операција спроведена од израелските одбранбени сили по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
Израел рече дека офанзивата врз Кан Јунис е одговор на палестинскиот ракетен истрел и „разузнавањето што укажува на присуство на терористи и терористичка инфраструктура“. На жителите и на раселените луѓе им беше кажано да ја евакуираат областа каде што многумина штотуку се вратија во деновите по последниот упад на Израел во градот во јули.
Американските и израелските власти рекоа дека Кан Јунис е местото каде што се верува дека се крие Јахја Синвар. Синвар, кој го испланирал 7 октомври, неодамна е именуван да го замени главниот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, кој беше убиен во иранскиот главен град Техеран, во воздушен напад за кој нашироко се претпоставува дека е изведен од Израел.
Неколку часа пред офанзивата на израелските одбранбени сили, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе ги продолжи разговорите за прекин на огнот, по итниот притисок во четвртокот од страна на американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на клучните посредници Катар и Египет.
„Согласно предлогот на САД и посредниците, Израел – на 15 август – ќе го испрати преговарачкиот тим на место кое ќе се одреди со цел да се финализираат деталите за спроведувањето на рамковниот договор“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Во заедничката изјава, Бајден и другите лидери истакнаа дека „дојде време“ да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување заложници и ги повикаа завојуваните страни да ги продолжат преговорите на 15 август во Доха или Каиро.
Тие рекоа дека се подготвени да го претстават „конечниот предлог за премостување“ за решавање на „преостанатите прашања за имплементацијата“, доколку е потребно.
Висок функционер на администрацијата на Бајден, кој вчеравечер ги информираше новинарите, не даде детали за предлогот, но рече дека рамковниот договор што е веќе на маса може да се финализира со дополнителни отстапки за деталите, како што е редоследот на ослободувањата на заложниците и затворениците.
Хамас не одговори на повиците за продолжување на разговорите. Бидејќи нивниот лидер се крие, посредници не можат брзо да дојдат до Синвар.
Поширока војна
Итниот притисок за примирје од страна на САД, Катар и Египет доаѓа во услови на страв од одмазднички напад на Техеран врз Израел за убиството на Ханије на иранска територија, што може да предизвика поширока регионална војна.
Израел, исто така, се соочува со одмазда од Хезболах во јужен Либан по неговиот напад во предградијата на Бејрут минатата недела, во кој беше убиен Фуад Шукр, командант на групата поддржана од Иран.
„Ако [Иран] започне голема војна на Блискиот Исток со некој масовен напад врз Израел, на кој тие му се закануваат во координација со други групи, тоа очигледно значително ќе ја загрози секоја надеж за постигнување прекин на огнот во Газа, зашто многу ќе бидеме фокусирани на други работи“, рече високиот претставник на администрацијата на Бајден.
Европските лидери, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон, денеска повторно во изразија поддршка на повикот за прекин на огнот во Газа.