Франција и Украина треба да потпишат билатерален безбедносен договор в петок кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го посети Париз.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон го објави ова денес, но не даде детали за договорот.
За време на посетата на Зеленски, Макрон „ќе ја потврди решителноста на Франција да продолжи да дава непоколеблива поддршка за Украина и украинскиот народ, на долг рок и со сите нејзини партнери“, соопшти француското претседателство.
Канцеларијата на Зеленски соопшти дека тој утре ќе отпатува и во Германија на разговори со канцеларот Олаф Шолц.
Состаноците се одржуваат во време на голем број меѓународни собири оваа недела, вклучително и Минхенската безбедносна конференција во сабота, на која Зеленски треба да присуствува.
Шефовите на одбраната на НАТО се состанаа денес во Брисел за да разговараат за тоа како да се одржи нивната поддршка за Украина во нејзината битка против целосната руска инвазија која започна пред речиси две години.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денес изјави дека сојузниците треба да го зголемат своето одбранбено производство „за да се осигураат дека Украина ќе го добие оружјето, залихите и муницијата што ѝ се потребни“.
Столтенберг рече дека очекува и Конгресот на САД да се согласи за нов пакет поддршка за Украина по истекот на финансирањето во декември.
Шефот на НАТО им рече на новинарите дека „поддршката на Украина не е милостина, поддршката на Украина е инвестиција во нашата сопствена безбедност“.