Југоисточната американска сојузна држава Флорида денес се подготвува за пристигнување на моќниот ураган Милтон, со предупредувања за обилни дождови, силни ветришта и бранови опасни по живот.
Синоптичарите велат дека бурата се очекува да стигне до копно доцна вечерва или рано утре долж западно-централниот брег на Флорида.
Тој регион го вклучува заливот Тампа, град со 3,3 милиони жители кој не бил погоден од ураган од 1921 година.
„Милтон има потенцијал да биде еден од најразорните урагани досега за западно-централна Флорида“, соопшти Националниот центар за урагани на САД.
Центарот за урагани соопшти дека нивото на бранови може да достигне 3-4,5 метри во областите во близина на местото каде што бурата доаѓа на брегот.
Предупредувањата за бура се во сила за речиси целиот западен брег, опфаќајќи 500 километри.
Патиштата беа преполни во понеделникот и вторникот, како што луѓето ги следеа задолжителните и доброволните наредби за евакуација за да избегаат од патеката на ураганот, додека оние што одлучија да останат ги направија последните подготовки за да ја издржат бурата.
Националниот центар за урагани соопшти дека во областите во централна и северна Флорида се очекува да има врнежи од 15 до 30 сантиметри, со поголеми количини на некои локации.
Се очекува бурата да ја премине Флорида и да ја задржи силата на ураганот кога ќе влезе во Атлантскиот Океан в четврток.
„Евакуирајте сега, сега, сега“, ги советуваше американскиот претседател Џо Бајден жителите на Флорида вчера од Белата куќа.
Претседателот ги откажа патувањата оваа недела во Германија и Ангола за да остане во САД за да ги надгледува подготовките и одговорот на Милтон, соопшти Белата куќа.
Милтон најверојатно ќе биде „чудовиште“, изјави вчера гувернерот на Флорида Рон ДеСантис.
Тој ги повика жителите на Флорида да обрнат внимание на извештаите на синоптичарите и да се придржуваат до локалните наредби за евакуација.
Гувернерот рече дека Флорида ќе активира 8.000 членови на Националната гарда за да помогнат во последиците од Милтон.
Десетици засолништа за итни случаи се подготвени за луѓето на кои им се потребни, со една локација во Флорида која може да собере 10.000 луѓе, според гувернерот.
Сепак, ДеСантис рече дека засолништата се „дизајнирани да бидат засолниште како последна опција“.
Пристигнувањето на Милтон на Флорида доаѓа само две недели откако ураганот Хелен ја погоди државата.
Некои информации во текстот се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес