Американскиот национален центар за урагани известува дека брзорастечкиот ураган Хелен доцна во четвртокот дошол на копно, погодувајќи ја северозападна Флорида како силна бура од 4-та категорија што се очекува да донесе силни ветрови и поплави во делови од ниската сојузна држава.
Националниот центар за урагани соопшти дека Хелен излезе на брегот околу 23:10 часот по локално време во областа „Биг Бенд“ на западниот брег на Флорида со силни ветрови од 225 километри на час.
Центарот за урагани ја нарече Хелен „исклучително опасна по живот“ бура и ги повика луѓето да останат заштитени додека бурата минува.
Биг Бенд на Флорида е сместен на полуостровот Флорида околу Мексиканскиот Залив и окрузите Џеферсон, Тејлор, Дикси и Леви и е локација на некои од најзначајните дестинации за дивината на Флорида, според Комисијата за зачувување на рибите и дивиот свет на Флорида.
Синоптичарите велат дека влијанието на бурата, ветерот и врнежите ќе се протегаат далеку од центарот на бурата, особено на исток. Предупредувањата за урагани беа на сила за јужна Џорџија, како и за поголемиот дел од северна Флорида, а предупредувања за тропска бура се протегаат и во Каролина.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, воведе вонредна состојба за речиси сите 67 окрузи на Флорида, вклучувајќи го и Мајами-Даде. Тој ја мобилизираше Националната гарда и позиционираше илјадници персонал за да се подготви за можни операции за пребарување и спасување и враќање на електричната енергија.
Во соопштението, Белата куќа рече дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за невремето во средата и неговата администрација е подготвена да обезбеди дополнителна помош на Флорида и другите држави на патот на Хелен.
Хелен е осмата именувана бура во сезоната на урагани во Атлантикот, која започна на 1 јуни. Националната управа за океани и атмосфера предвиде натпросечна сезона на урагани во Атлантикот оваа година поради рекордно топлите температури на океаните.
Деветтата именувана бура на Атлантикот во сезоната, е тропската бура Исак, формирана во средата навечер во Атлантскиот Океан. Центарот за урагани објави дека се очекува да се зајакне додека се движи кон исток, која веројатно ќе стане ураган до крајот на неделата.
Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.
Facebook Forum