Неодамнешните смртни случаи на уште неколку деца од неисхранетост во појасот Газа укажуваат на тоа дека гладот се проширил низ целата енклава, соопшти денес група независни експерти за човекови права назначени од Обединетите нации.
Здравствените власти во Газа соопштија дека најмалку 33 деца умреле од неисхранетост, главно во северните области кои до неодамна се соочуваа со најголемиот дел од израелската воена кампања, започната по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.
Од почетокот на мај, војната се прошири во јужниот дел на Газа, погодувајќи го протокот на помош во енклавата поради ограничувањата од страна на Израел.
Во денешната изјава, групата од 11 експерти ја наведе смртта поради неисхранетсот на три деца на возраст од шест месеци, и 13 и 9 години, во јужната област Кан Јунис и централната област Деир Ал-Балах од крајот на мај.
„Со смртта на овие деца од глад и покрај медицинскиот третман во централна Газа, нема сомнеж дека гладот се прошири од северна Газа во централна и јужна Газа“, велат експертите.
Нивната изјава ја осудува „намерната и насочена кампања за гладување на Израел против палестинскиот народ“.
Дипломатската мисија на Израел во Женева соопшти дека изјавата е „дезинформација“.
„Израел постојано ја зголемува својата координација и помош во испораката на хуманитарна помош низ појасот Газа“.
Во болницата Кан Јунис во понеделникот, Палестинката Ганејма Џома изјави за Ројтерс дека се плаши оти нејзиниот син ќе умре од глад.
„Вознемирувачки е да се види моето дете ... како лежи таму како умира од неисхранетост бидејќи не можам да му обезбедам ништо поради војната, затворањето на премините и загадената вода“, рече таа, седната на подот до нејзиниот неподвижен син.
Формално, дали постои глад или не, одредува глобален монитор поддржан од ООН, кој прави проценка врз основа на збир технички критериуми.
Минатиот месец, мониторот рече дека Газа и понатаму е изложена на висок ризик од глад бидејќи војната продолжува и пристапот до помош е ограничен.
Повеќе од 495.000 луѓе низ Газа - повеќе од една петтина од населението - се соочуваат со најтешко или „катастрофално“ ниво на несигурност во храната, се вели во извештајот, што е намалување од прогнозата од 1,1 милион во претходното ажурирање.