Линкови за пристапност

Договорот меѓу Србија и Косово не е без политички ризици, но вреди да се преземат, вели сенаторот Марфи


За Србија е многу тешко да има европска иднина ако се спротивстави на најважната надворешнополитичка цел на Европската унија - безусловна поддршка за Украина, изјави демократскиот сенатор од Конектикат за Српската редакција за Гласот на Америка 
За Србија е многу тешко да има европска иднина ако се спротивстави на најважната надворешнополитичка цел на Европската унија - безусловна поддршка за Украина, изјави демократскиот сенатор од Конектикат за Српската редакција за Гласот на Америка 

Имплементацијата на европскиот договор за нормализација на односите е во најдобар интерес на Србија и Косово, и за тоа ќе одлучат лидерите на двете земји, а САД и ЕУ можат само да ги охрабрат во тоа, изјави демократскиот сенатор од Конектикат Крис Марфи во интервју за Српската редакција за Гласот на Америка.

Марфи, кој е член на Комитетот за надворешна политика на Сенатот и неколкупати го посети Балканот, сепак нагласи дека Вашингтон и Брисел ќе продолжат јасно да ставаат до знаење дека интеграцијата на двете земји во евроатлантските институции ќе биде тешка без решавање на односите.

Како што рече американскиот сенатор, Србија нема да влезе во Европската унија и без „здрава демократија“, а треба да се приклучи и на западните санкции против Русија.

Глас на Америка: Србија и Косово неодамна постигнаа договор за спроведување на европскиот предлог за нормализација на односите. Го спомнавте ова за време на неодамнешното сослушување на државниот секретар Ентони Блинкен. Дали сте оптимист дека двете страни ќе го спроведат договорот и што треба да направат Вашингтон и Брисел за да се осигураат дека тоа ќе се случи?

Марфи: Тоа е многу важен договор. Поминав многу време на Балканот, регион кој е исклучително важен за САД и каде што не можеме да го земеме мирот здраво за готово. Поминав многу време со Албин Курти и Александар Вучиќ. И двајцата презедоа многу важни чекори за нормализирање на односите меѓу двете земји. Договорот не е без политички ризици, но вреди да се преземат. Верувам дека двете страни се сериозни во однос на имплементацијата на овој договор. Ова може да биде основа за понатамошна работа за да се осигура дека секоја земја ги препознава и почитува граѓаните на двете нации и правото на секоја нација да се приклучи кон меѓународните институции и да стане полноправна членка на меѓународната заедница.

Глас на Америка: Но, што можат Вашингтон и Брисел да направат за да обезбедат спроведување на овој договор? Знаеме дека сè уште не се имплементирани аспектите од Бриселскиот договор од 2013 година. Што треба да се направи за да се осигура дека сите страни ќе го почитуваат договореното?

Марфи: Тоа е на крајот одлука на лидерите на Косово и Србија. Нема ништо клучно што можат да направат Европа и САД. Можеме да ги охрабриме. Се разбира, двете земји својата иднина ја гледаат интегрирана во трансатлантскиот сојуз. И двајцата дефинитивно сакаат да бидат дел од Европската унија. Косово ја гледа својата иднина во НАТО. САД и Брисел, од кои очигледно зависи членството во НАТО и во Европската унија, ќе продолжат јасно да ставаат до знаење дека за која било земја ќе биде тешко да се приклучи на тие организации доколку не се решат односите и не се надминат разликите меѓу Приштина и Белград.

Гласот на Америка: Какви стимулации може да понуди Вашингтон или какви последици може да има за да се осигура дека двете страни ќе го спроведат договорот?

Марфи: Мислам дека нема да наметнеме последици. Сметаме дека е во најдобар интерес и за Косово и за Белград да се спроведе договорот. Не е добра политика за надворешни сили или ентитети да ги принудуваат земјите да направат нешто што не сакаат или не мислат дека е во нивен најдобар интерес. Затоа, не го гледам ова како прашање дали САД ќе понудат стимулации или ќе наметнат последици. Сметам дека тоа не е продуктивно. Треба да работиме со лидерите и електоратите во Косово и Србија за да ги убедиме да го направат она што е правилно за нивните земји. А меѓусебното признавање е правилно и позитивно за политичката и економската иднина на двете земји.

Глас на Америка: Колку е реална идејата за меѓусебно признавање, ако се земе предвид дека и по средбата во Охрид, претседателот на Србија зборуваше за црвените линии - дека Србија нема да ја признае независноста на Косово и нема да дозволи да стане членка на Обединетите нации? Колку е реално да се очекува дека овој договор за нормализација на крајот ќе доведе до взаемно признавање?

Марфи: Ајде да одиме чекор по еден. Разбирам дека политичките лидери понекогаш треба да се позиционираат на одреден начин, но фактот дека овој договор е постигнат покажува дека Вучиќ и Курти - кои имаат големи електорати кои не сакаат помирување меѓу двете земји - се подготвени да преземат ризик, да направат вистинската работа за промовирање на мирот. Значи, да одиме чекор по чекор. Има многу работи на Балканот за кои лидерите рекоа дека никогаш нема да се случат, но на крајот се случија. Затоа што кога ќе дадете одредено време, ќе продолжете да разговарате и да градите пат до помирување, понекогаш се случуваат изненадувачки работи.

Глас на Америка: Знаеме дека премиерот на Косово досега се спротивстави на идејата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, на што инсистираат Белград, САД и ЕУ. Дали верувате дека Курти на крајот ќе се согласи на формирање заедница, и колку тоа прашање е важно за нормализирање на односите? Дали постои ризик тоа да доведе до создавање на нова Република Српска, од која некои стравуваат?

Марфи: Да, вие не сакате друга Босна, но тоа не мора да биде иднината на Заедницата на општини со српско мнозинство. Разговарав со Курти неколку пати, му објаснив дека во САД имаме силна федерална влада, силно чувство за американски патриотизам. Сепак, имаме и силни влади на сојузно ниво. Исто така, им овозможивме, да речеме, жителите на Оклахома или Конектикат сами да ја одредат својата иднина. И има разлика. Мислам дека секако постои начин Косово да спроведе ограничен степен на самоуправа за оние во општините со мнозинско српско население и да го направи тоа на начин што нема да ја подели земјата. Обврска од Брисел е која Косово треба да ја почитува. И драго ми е што е дел од овој договор.

Глас на Америка: Има и оценки дека меѓународната заедница ги игнорира проблемите со демократските процеси и владеењето на правото во Србија, кои се посочени во повеќе извештаи, заради договорот со Вучиќ. Дали мислите дека е така?

Марфи: Секако дека сум загрижен за здравјето на политичката опозиција во Србија, поради степенот на контрола што владата во Белград ја има врз медиумите. Тоа директно му го пренесов на Вучиќ и ќе продолжам да го правам тоа. САД, како и обично, можат да направат две работи одеднаш - можеме да работиме со српската влада за да се обидеме да ги натераме да заземат поцврста позиција за поддршка на Украина, да најдат пат за помирување со Косово. И дека разбираат дека ако не го штитат владеењето на правото, ако немаат здрава демократија, нема да влезат во Европската унија - што знам дека е целта на Александар Вучиќ - без разлика колку напредуваат во однос на Украина или Косово. Затоа мора да разговараме за тоа и мислам дека можеме да го направиме тоа.

Глас на Америка: По вашата последна посета на Белград, во април минатата година, напишавте дека поради руската инвазија на Украина, Србија конечно ќе мора да одлучи меѓу Европа и Русија. Но, претседателот Вучиќ продолжи да седи на две столчиња - Србија ги поддржа резолуциите за Украина во Обединетите нации, но не ги примени западните санкции против Русија. Дали сè уште мислите дека е важно Србија да го направи тој избор меѓу Европа и Русија и зошто?

Марфи: Кога станува збор за Украина, важно е Србија да ја донесе таа одлука. Нереално е да се верува дека Србија целосно ќе ги прекине културните и економските врски со Русија, ниту пак тоа треба да се очекува од нив. Србија треба да се одлучи кога е Украина во прашање. Таа треба да се приклучи на Европа и САД и да ги примени санкциите неопходни за да испрати обединета порака дека овој брутален чин на агресија нема да биде толериран.

Глас на Америка: А што ќе се случи ако тој не одлучи?

Марфи: За Србија е многу тешко да има европска иднина ако се спротивстави на најважната надворешнополитичка цел на Европската унија - безусловна поддршка за Украина.

XS
SM
MD
LG