Западот и меѓународната заедница три децении ја гледаа идејата за две држави - една израелска, една палестинска - како основа за мир на Блискиот Исток. Дури и по масакрот на Хамас на 7 октомври и огромната контраофанзива на Израел, многумина веруваат дека тоа останува единствениот пат напред.
Повеќе од 1 200 луѓе беа убиени, а 242 киднапирани во нападот врз Израел од страна на Хамас, терористичка организација прогласена од САД. Воената реакција на Израел однесе повеќе од 11 000 животи, според Министерството за здравство на Газа.
Сепак, политикологот Уриел Абулоф од Универзитетот во Тел Авив верува дека огромната загуба на животи од двете страни не го направи мирот невозможен.
„Решението со две држави сè уште е можно, можеби повеќе од претходно, бидејќи постои потенцијал двете страни да разберат дека ова не е конфликт меѓу мнозинството Израелци и Палестинци, [кои и двете страни] сакаат да живеат во соживот, без радикални лидери“, вели тој.
„Од едната страна го имате Хамас, со кој треба да се справите воено, а на другата страна е Бенјамин Нетанјаху со неговата коалиција, со кои треба да се справите политички“, вели тој за Гласот на Америка. „Ако ова се случи - и на мене ми е под голем прашалник тоа - има подобри шанси за решение.“
Хусеин Ибиш од Институтот за арапски заливски држави со седиште во Вашингтон, исто така, верува дека трајно решение на повеќедеценискиот конфликт е можно само со моделот - две држави.
„Можеби тоа ќе треба да се направи етапно, но со две држави како заедничка цел што е експлицитно зацртано од самиот почеток“, рече Ибиш, кој смета дека дури и тој почетен чекор има конкретни предуслови.
„Израел мора конечно и формално да го прифати палестинското право на држава и потребата од тоа. Изградбата и воспоставувањето населени места мора целосно да запрат“, рече тој.
Од друга страна, Ибиш вели дека Палестинците треба да ги осудат нападите на Хамас од 7 октомври и да ветат прекин на непријателствата, додека палестинската управа мора политички да се зајакне.
Акционен план со задни намери?
Други експерти, пак, се скептични. Омер Бартов, професор по холокауст и студии за геноцид на Универзитетот Браун, го опишува планот за две држави како пословичен лист од смоква.
„Луѓето зборуваат за решение со две држави бидејќи мора да разговараат за нешто, а тоа моментално е единствениот план на маса“, изјави тој за Гласот на Америка. „Само Палестинците би живееле во палестинска држава, а само Евреите би живееле во Израел“, вели Бартов.
Тој смета дека планот за две држави е нереален зашто ќе создаде економски слаба Палестина која е зависна од Израел и „бидејќи на Западниот Брег има меѓу половина милион и 750 000 еврејски доселеници и нивно отстранување од територијата би значело граѓанска војна“.
Тој забележува дека има и 2 милиони Палестинци кои веќе живеат во Израел.
Израел го освои Западниот Брег, заедно со Источен Ерусалим, од Јордан во Шестдневната војна во 1967 година. Ја зеде Газа од Египет во истата војна, но се повлече од територијата во 2005 година.
„Има и друга опција, а за неа се зборуваше и пред да се случи ова“, вели Бартов. „Тоа не е нешто што може да се случи брзо, но треба да се разгледа можноста. А тоа е еден вид конфедерација на израелски и палестински држави, во границите од 1967 година.“
Една единствена конфедеративна држава, рече тој, ќе овозможи враќање на палестинските бегалци чии предци оставиле одредени територии во 1948 година, а „Ерусалим би можело да биде заедничка престолнина“.
„Би имало разлика меѓу државјанство и живеалиште“, вели Бартов. „Еврејските доселеници би можеле да продолжат да живеат во палестинската држава, но да се однесуваат според нејзините прописи. А Палестинците би можеле да се вратат од егзил и да живеат, на пример, во Хаифа.
Решението за една држава „во моментов изгледа како лудост“ со оглед на сегашните непријателства, рече тој, додавајќи дека продолжувањето на насилството води само до „ерозија на демократијата во израелското општество“, заедно со излегувањето на површина на „авторитарните“, па дури и „расистичките елементи“.
Улогата на САД се смета за клучна
Ибиш од Институтот за арапски заливски држави вели дека американското вклучување би било од клучно значење за секое трајно решение на конфликтот.
„САД се единствената странска сила која има влијание и моќ да биде гарант на мировниот договор [за две држави]“, рече тој. „За жал, домашната политичка сцена на САД ја поткопува нејзината улога во овој поглед бидејќи е политички премногу скапо да се изврши сериозен притисок врз Израел.“
Абулоф од Универзитетот во Тел Авив вели дека претседателот Џо Бајден мора да го преземе водството и да го користи принципот „стап и морков“ [мека и тврда моќ] за двете страни.
„Тој може да им каже на Израел дека целосно ќе ги поддржи и ќе им даде безбедносни гаранции и ќе се грижи за Иран и Хезболах“, рече Абулоф, додавајќи дека Бајден тогаш ќе треба да им вети „демократизација“ на Палестинците, финансирани од САД.
Ако Израел не би се согласил на овој план, вели тој, САД би можеле да се заканат дека нема да го користат правото на вето во Советот за безбедност на ОН за да ги запрат антиизраелските резолуции.
Бартов од Универзитетот Браун се согласува дека ниту еден план не може да се спроведе без поддршката на САД од која Израел зависи политички и воено.
Без неа, предложува Браун, кошмарот на бескрајното војување само продолжува.
„Тоа е еден вид сон и за Евреите и за Палестинците - многумина се надеваат дека само ќе се разбудат едно утро и ќе откријат дека другата страна ја нема“, рече тој.
„Но, никој не си оди. Сите се таму, си го загорчуваат животот еден на друг и живеат во страв. Тие навистина не чувствуваат дека има надеж. Затоа мора да се смени перспективата - како да се натераат овие две групи луѓе да живеат едни со други, а не одвоено“.