Израелските војници ги продолжуваат операциите во и околу болницата Ал-Шифа во Газа, во која упаднаа рано во средата во потера по милитантите на Хамас само неколку минути откако ги предупредија претставниците на Министерството за здравство за претстојната операција.
Израелските одбранбени сили ја опишаа својата операција како „прецизна и целна“.
Израел вели дека Хамас ја користел болницата како команден центар, а пациентите и персоналот таму како жив штит, обвинувања кои Хамас и здравствените власти во Газа ги негираат.
Израел не обезбеди фотографии или видеа за да ги поткрепи своите тврдења за милитантите на Хамас во Ал-Шифа, иако сподели снимки од милитанти кои дејствуваат во станбени населби и позиционираат ракети и оружје во близина на училишта и џамии.
Ал-Шифа е најголемата болница во Газа.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, го нарече нападот во болницата Ал-Шифа „целосно неприфатлив“.
Тедрос на прес-конференција во Женева вчера рече дека „болниците не се боишта“ и дека пациентите и персоналот во болниците мора да бидат заштитени дури и ако објектите се користат за воени цели.
Американскиот претседател Џо Бајден го обвини Хамас дека управува со команден центар во болницата Ал-Шифа, што тој го нарече „воено злосторство“.
„Имате околност кога првото воено злосторство го изврши Хамас со тоа што нивниот штаб, нивната војска е скриена под болница“, рече Бајден за време на прес-конференцијата во Калифорнија, по средбата со кинескиот лидер Шји Џјинпинг.
„И тоа е факт. Тоа е она што се случи“.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации доцна вчера усвои резолуција со која се повикува на „итни и продолжени хуманитарни паузи“ во Газа.
Дванаесет членови на советот гласаа за, додека никој не гласаше против, а тројца - САД, Русија и Обединетото Кралство - беа воздржани.
Заменикот постојан претставник на Израел рече дека резолуцијата е „одвоена од реалноста на теренот“.
Резолуцијата што беше донесена, исто така, повика на „итно ослободување на сите заложници кои ги држеше Хамас“.
Наводно, во тек се преговори за предложениот договор според кој Хамас би ослободил најмалку 50 жени и деца кои ги држат како заложници во Газа во замена за палестинските жени и деца кои се чуваат во израелските затвори.
Хамас зеде околу 240 израелски и странски заложници за време на нападот што го изврши во Израел на 7 октомври.
Дописничката на Обединетите нации, Маргарет Бешир и шефицата на бирото на Белата куќа Патси Видакусвара придонесоа за овој извештај. Некои информации во овој текст се Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес