Кина во среда силно ги критикуваше САД за поставување нови санкции спрема Иран во врска со нивната контроверзна нуклеарна програма.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи на новинарите во Пекинг им кажа дека дијалог и преговори, а не санкции, се најдобар начин за олеснување на тензиите и решавање на несогласувањата.
Портпаролот призна дека Кина има, како што кажа, „редовни, отворени и транспарентни економски и енегретски интеракции со Иран“ што не ги прекршуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН и нема да бидат пречка за интересите на трета страна. Затоа, рече тој, такви интеракции не треба да бидат опфатени со најновите санкции.
Минатата недела, САД поставија нова рунда санкции против финансиските институции кои работат со Иранската централна банка. Потегот може да влијае на способноста на Иран да продава нафта на меѓународните пазари.
Кина, клучен трговски партнер на Иран, често инсистира дека западните санкции против Техеран ќе ја направат ситуацијата покомплицирана и може да им наштетат на шансите за мир и стабилност.
Иран е еден од најголемите производители на сирова нафта во светот, а Кина е меѓу нивните главни муштерии.
Западните нации поставуваа се` построги санкции спрема Иран, верувајќи дека иранската нуклеарна програма е со цел за изградба на нуклеарно оружје. Иран ги отфрла обвиненијата велејчќи дека нуклеарната програма е за мирољубиви цели.