Жителите на Газа се простија од најблиските, убиени во израелските напади кои продолжуваат по терористичкиот напад на 7 октомври којшто го изврши Хамас.
Во истовреме, САД и земјите во регионот се залагаат за прекин на огнот. Разговорите се закажани во Доха, главниот град на Катар. Хамас сигнализира дека нема да присуствува.
„Очекуваме да ни кажат посредниците дека Израел го прифати она што се нуди. Секој состанок треба да се заснова на разговор за механизмите за имплементација и поставување на рокови наместо да се преговара за нешто ново“, вели Осама Хамдан, политички офицер на Хамас.
Секој состанок треба да се заснова на разговор за механизмите за имплементација и поставување на роковиОсама Хамдан, политички офицер на Хамас.
Во средата, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер изрази надеж дека ќе има разговори во Доха.
„Секогаш има многу изјави во јавноста. Тоа сме го виделе порано, не е ново“, вели Жан-Пјер.
Но, претседателот Џо Бајден призна дека мирот е тешко остварлив.
„Станува тешко. Ќе видиме што ќе направи Иран и ќе видиме што ќе се случи, ако има напад. Но, јас не се откажувам“, посочи Бајден.
Се стравува од ирански напад врз Израел по неодамнешното убиство на лидерот на Хамас Исмаил Ханије на иранска територија. Израел не ја презеде одговорноста за убиството, но е нашироко обвинет за нападот.
САД распоредија дополнителен воен капацитет во регионот како одвраќање на Иран и неговите други сојузници, вклучително и Хезболах.
Групата го засили прекуграничниот оган со напади врз Израел од Либан.
Специјалниот пратеник на Бајден за Блискиот исток Амос Хохштајн беше во Бејрут.
Хамас е тој што продолжува да поставува дополнителни услови и одби да постигне договорДавид Менцер, портпарол на израелската влада
„Нема повеќе време за губење, и нема повеќе валидни изговори од која било страна за секое понатамошно одложување“, истакна Хохштајн.
Завојуваните страни меѓусебно се обвинуваат за ќор-сокакот.
„Хамас е тој што продолжува да поставува дополнителни услови и одби да постигне договор“, истакна Давид Менцер, портпарол на израелската влада.
Многумина го повикуваат Бајден да стори повеќе за да изврши притисок врз Израел.
„Да му се каже на Нетанјаху играта заврши, без разлика дали ќе биде претседател Харис или Трамп дека САД нема да имаат попустливост кон Израел. Значи, време е за нова ера“, смета Лаура Блуменфилд од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Таа нова ера е регионална интеграција за Израел во замена за палестинска државност. Но, тоа засега е далеку. Прекинот на огнот во Газа останува неостварлив, прв чекор.