Американскиот претседател Џо Бајден вели дека целта за мир во Газа се чини сè понеостварлива, и покрај тоа што Белата куќа и клучните посредници Египет и Катар ги интензивираат напорите да ги приближат Израел и Хамас кон договор за прекин на огнот.
„Станува сè потешко“, им рече Бајден на новинарите вчера на прашањето дали договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците станува се` подалечна можност.
Со дополнителните американски воени средства распоредени на Блискиот Исток, Бајден и неговите официјални лица се залагаат за разговорите да се одржат како што е планирано во главниот град на Катар, Доха, в четврток, и покрај тоа што Хамас, палестинската милитантна група поддржана од Иран, вели дека нема да учествува.
Постигнувањето примирје е клучно за спречување на очекуваниот напад на Техеран врз Израел, како одмазда за неодамнешното убиство на лидерот на Хамас Исмаил Ханије на иранска територија.
Израел не ја презеде одговорноста за убиството, но е широко обвинет за смртта на Ханије.
Бајден рече дека очекува Иран да го прекине нападот доколку се постигне договор во следните неколку дена.
Со борбите меѓу Израел и Хамас кои беснеат во Газа и прекуграничниот оган што се интензивира меѓу Израел и Хезболах во Либан, многумина стравуваат дека иранскиот напад од големи размери ќе предизвика поширок конфликт на Блискиот Исток.
Координаторот на Белата куќа за Блискиот Исток Брет Мекгурк оваа недела е во Каиро и Доха, додека високиот советник Амос Хохштајн е во Бејрут, за да работи дипломатски и воено за да ја спречи понатамошната ескалација од страна на Иран и неговите прокси групи, и да ја поддржи граничната деескалација во регионот, изјави за новинарите во вторникот портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Државниот секретар Ентони Блинкен го одложи своето заминување во регионот, првично закажано за вчера.
За да го засилат одвраќањето, САД распоредија дополнителни воени средства на Блискиот Исток. Израел се согласи да учествува во последната рунда разговори в четврток.
Сепак, Хамас одби, барајќи наместо тоа функционален план за спроведување на предлогот што веќе го прифатил.
„Хамас е посветен на предлогот што му беше претставен на 2 јули, кој се заснова на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и говорот на Бајден и движењето е подготвено веднаш да започне дискусија за механизмот за негово спроведување“, изјави за Ројтерс високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри.
„Одењето на нови преговори ѝ овозможува на окупацијата да наметне нови услови и да го искористи лавиринтот на преговори за да спроведе повеќе масакри“, додаде тој.
Друг претставник на Хамас рече дека групата одлучила да не учествува во разговорите бидејќи нејзините водачи не мислат дека израелската влада, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, преговара со добра волја.
Карла Баб од Гласот на Америка и Ким Луис придонесоа за овој напис