Линкови за пристапност

Блинкен ја повика Русија итно да го ослободи новинарот на „Вол Стрит Џурнал“


Државниот секретар Ентони Блинкен го повика рускиот министер за надворешни работи да го ослободи Иван Гершкович, американски новинар приведен минатата недела под обвинение за шпионажа.

Блинкен „ја пренесе големата загриженост на САД поради неприфатливото притворање од страна на Русија на американски новинар“, се вели во соопштението на Стејт департментот во кое директно не се наведува името на Гершкович.

Во соопштението се додава дека за време на повикот Блинкен ја повикал Русија да обезбеди итно ослободување на новинарот и поранешниот маринец Пол Вилан кој, исто така, е приведен под обвинение за шпионажа во Русија.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека за време на разговорот Лавров му рекол на Блинкен дека Вашингтон не треба да го политизира апсењето и рекол дека судот ќе ја одреди судбината на Гершкович, пренесува Ројтерс.

Повикот од неделата беше редок момент на директен контакт меѓу Блинкен и Лавров, кои немаат редовна комуникација откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Гершкович, репортер на „Вол Стрит Џурнал“ беше уапсен во средата во Јекатеринбург, град на околу 800 милји од рускиот главен град.

Московскиот суд во петокот нареди Гершкович да биде задржан во истражен затвор до 29 мај.

XS
SM
MD
LG