Линкови за пристапност

Како времето да не поминало: Сведоштво на македонската Еврејка што ја преживеала депортацијата


Останав сама, мислам дека сум (единствена преживеана) од целиот монопол, вели 88-годишната Шела Алтарац кој успеала да излезе од оградата каде биле собрани околу 7.200 македонски Евреи пред нивната депортација во логорите на смртта
Останав сама, мислам дека сум (единствена преживеана) од целиот монопол, вели 88-годишната Шела Алтарац кој успеала да излезе од оградата каде биле собрани околу 7.200 македонски Евреи пред нивната депортација во логорите на смртта

Ја изгубив целата фамилија. Само јас останав. Но, среќна сум што подигнав мое семејство. На младите им порачувам да бидат силни, да не покажуваат болка, вели 88-годишната Шела Алтарац, која успеала да излезе од скопскиот монопол од каде нејзините родители биле депортирани во логорите на смртта

Како да не поминале толку години. Како постојано да сум тука. Денеска така се чувствувам. Многу ми е тешко.

Со овие зборови 88-годишната Шела Алтарац почна да раскажува за деновите од нејзиното детство, кога како 8-годишно девојче, заедно со нејзината цела фамилија биле затворени во тогашниот Скопски монопол. Сè се случувало во март, 1943 година, кога со останатите еврејски фамилии од Штип биле доведени во Скопје. Таму веќе биле собрани мажи, жени, деца од Битола и од Скопје.

Тоа што им го кажале фашистичките окупаторски војници било дека ќе ги носат на принудна работа. Но вистината била сосема поразлична.

Ја изгубив целата фамилија. Само јас останав. Но, јас сум среќна што подигнав мое семејство

„Штета е што сето тоа се случи. Штета голема е што ја изгубив целата фамилија. Само јас останав. Но, јас сум сестра, среќна што подигнав мое семејство. Имам три деца, десет внуци и седум правнуци. Го подигнав одново својот живот“, ни раскажа Шела, која во Македонија допатува од Израел заедно со својот син, со снаата и внуката.

Шела Алтарац им раскажуваше на младите за траумите доживеани за време на депортацијата
Шела Алтарац им раскажуваше на младите за траумите доживеани за време на депортацијата

Се претпоставува дека Шела и нејзината сестра се единствени што успеале да излезат од Монополот и да се сокријат од бугарските војници. Но, додека биле надвор од монополот, гледале како нивните родители, роднини, пријатели ги депортираат.

Многу сеќавања имам од овде
Многу сеќавања имам од овде

„Многу сеќавања имам од овде. Мајка ми беше жива, ме чуваше. Кога ме стрижеа, ми ја повредија главата и се онесвестив. Кога се разбудив, беше среќна и пресреќна што преживеав. Но, останав сама, сама. Мислам дека (сум единствена преживеана) од целиот Монопол“, вели Шела.

Шела, како што раскажува и во нејзините мемоари во книгата „Изгубено детство“, заминала со сестра си во Приштина. Но, таму нејзината сестра си го одзела животот, по што за Шела следеле години на страдања и неизвесност.

Шела Алтарац со синот и снаата на местото на некогашниот скопски монопол
Шела Алтарац со синот и снаата на местото на некогашниот скопски монопол

„Битно е (младите) да се силни, да не мораат да покажуваат болка. Јас никому не ја покажувам сопствената болка. Никој не знае дека сето тоа го имам преживеано“, вели Шела.

Сепак, со текот на годините успеала да создаде свое семејство.

„Да бидат силни и да создадат фамилија и да бидат среќни. Тоа што било, да го чуваат во душата. Тоа мора да се чува до крајот. Ќе се сеќавам на мојата фамилија до крајот на животот“, вели Шела во нејзините пораки и совети до младите генерации.

Вели дека е среќна што издигнала своја фамилија и се надева дека злосторства како холокаустот нема да се повторат никаде низ светот.

По повод 80 години од депортацијата на македонските Евреи, денеска во Скопје се одржа Поворка на живите. Главната порака беше „Никогаш повеќе“, а со цел да се одржи сеќавањето кон околу 7.200 македонски Евреи што завршиле во нацистичкиот логор Треблинка.

Претседателот Стево Пендаровски на денешното обраќање побара официјална Софија да се извини за депортацијата.

„За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Депортацијата се случила во март, 1943 година. Во тогашниот Монопол биле доведени Евреите од Скопје, Штип и Битола. Таму останале десетина дена, во нехумани услови, без храна и вода.

Потоа, во три конвои, натоварени во вагони за добиток, Евреите биле депортирани во нацистичкиот логор, каде што биле веднаш погубени. Со депортацијата на 7.144 лица, биле ликвидирани 98 проценти од вкупната македонска еврејска заедница во тоа време.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG