Линкови за пристапност

Никогаш повеќе: Поворка на живите низ Скопје за сеќавање на депортираните македонски Евреи


Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани, рече претседателот Пендаровски
Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани, рече претседателот Пендаровски

За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, рече претседателот Стево Пендаровски.

Со жолти Давидови ѕвезди на реверите и облеката, дел од македонскиот државен врв, заедно со дипломатскиот кор, со претставници од македонската, но и од европската и од светската еврејска заедница учествуваа во Поворката на живите, што се одржа во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи во 1943 година.

Поворката почна од Музејот на град Скопје, а заврши во Тутунскиот комбинат, на местото на некогашниот Скопски монопол, од каде што во март, 1943 година, бугарските соработници на фашистичкиот режим ги натовариле во вагони за добиток македонските Евреи, мажи, жени, деца и ги депортирале во нацистичките логори на смртта.

Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија“, рече претседателот Стево Пендаровски, обраќајќи им се на присутните.

Пендаровски посочи дека македонските Евреи биле изложени на систематска дискриминација.

„Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања, Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни. Третиот чекор бил дехуманизацијата, истакна претседателот.

За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи
Стево Пендаровски

Пендаровски укажа и дека е неопходно Бугарија да се извини за тоа што било направено во Втората светска војна.

„И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече Пендаровски.

На присутните, меѓу другите, се обрати и Ернест Херцог од Светскиот еврејски конгрес.

„Во март 1943 година, 98 проценти од Евреите во Македонија се депортирани од страна на бугарските окупаторски сили од ова место, кон логорот на смртта ‘Треблинка’, рече Херцог посочувајќи дека голем дел од депортираните биле деца, од кои 539 биле помлади од три години.

„За жал денес, сведочиме на обиди за величање на нацистите и за креирање паралелни наративи за тоа што се случувало во тие години. Сведоци сме на величање на тие што ги сториле овие злодела. Тие групи често ги претставуваат таквите ликови и како спасители на Евреите за време на холокаустот... За жал се чини дека светот не научи да ги спречи масовните убивања. Но, денес се сеќаваме што се случило и што светот има загубено. Не се сеќаваме само на нивните страдања, туку и на нивните неостварени стремежи. Се сеќаваме и никогаш нема да заборавиме“, истакна претставникот од Светскиот еврејски конгрес.

Меѓу присутните беше и 88-годишната Шела Сион-Алтреаз, со потекло од Штип. Таа денес е единствена преживеана која успеала да се спаси од депортацијата.

Имав осум години. На сè се сеќавам. Не сакам никому да му се случи ова
Шела Сион-Алтреаз, 88-годишна штипјанка, преживеана од депортацијата

„Имав осум години. На сè се сеќавам. Не сакам никому да му се случи ова“, рече Шела која во Скопје допатува од Израел заедно со нејзиниот син, снаа и внука.

Депортацијата на македонските евреи се случила во март, 1943 година. Во тогашниот Монопол биле доведени Евреите од Скопје, Штип и Битола. Таму останале десетина дена, во нехумани услови, без храна и вода.

Потоа, во три конвои, натоварени во вагони за добиток, Евреите биле депортирани во логорот Треблинка, каде што биле веднаш погубени. Со депортацијата на 7.144 лица, биле ликвидирани 98 проценти од вкупната македонска еврејска заедница во тоа време.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG