Линкови за пристапност

Таа со години не зборуваше за ужасите: Разговор со синот на македонската Еврејка што се спасила од депортација


Никој не може ниту да си замисли, низ што сè поминале овие луѓе, вели Дејвид Алтарац (лево), син на Шела Алтарац (десно), единствената преживеана македонска Еврејка што се спасила од депортацијата во 1943 година
Никој не може ниту да си замисли, низ што сè поминале овие луѓе, вели Дејвид Алтарац (лево), син на Шела Алтарац (десно), единствената преживеана македонска Еврејка што се спасила од депортацијата во 1943 година

Многу е тешко да се биде тука. Ова е местото каде што таа за последен пат ја видела нејзината фамилија, ни рече Дејвид Алтарац, син на Шела Алтарац, единствената преживеана македонска Еврејка што се спасила од депортацијата во 1943 година.

Со синот Дејвид разговаравме во кругот на некогашниот Скопски монопол, на местото каде во 1943 година бугарската фашистичка војска ги собрала македонските Евреи и ги депортирала во нацистичкиот логор Треблинка. Таму, според историските податоци, сите биле погубени во гасните комори. Нивната бројка била околу 7.200 лица, мажи, жени, деца.

„Драго ми е што гледам дека луѓето овде и владата ја организираат оваа церемонија секоја година и се обидуваат да се одржат сеќавањата во живот. Тоа е битно, за сите луѓе да знаат што се случувало. Да дознаат за сите ужасни работи што се случувале тука“, вели Дејвид во разговор за Гласот на Америка.

Синот на 88-годишната Шела присуствуваше во Скопје на Поворката на живите, заедно со мајка си, со својата сопруга и со ќерката. Вели дека мајка му со години не зборувала за тоа што како осумгодишно девојче го преживеала во времето на депортацијата. Таа со нејзината фамилија од Штип била доведена во Скопје.

За сето тоа што ѝ се случувало тука, слушнав кога имав околу 20 години. Долги години не ѝ беше лесно да зборува за тоа
Дејвид Алтарац

„За сето тоа што ѝ се случувало тука, слушнав кога имав околу 20 години. Долги години не ѝ беше лесно да зборува за тоа. Дури кога наполни 50 години, почна да заборува за сите ужаси што ѝ се случиле тука“, вели синот Алтарац.

Шела Алтарац, 88-годишна македонска Еврејка која се спасила од депортацијата во 1943 година
Шела Алтарац, 88-годишна македонска Еврејка која се спасила од депортацијата во 1943 година

Иако неговата мајка почнала да зборува за траумите од времето на окупацијата, сепак вели дека никој не може да ги разбере до крај маките низ коишто тие луѓе поминале.

„Никој не може да има разбирање за тоа што се случувало. Никој. Никој не може ниту да си замисли, ниту да разбере низ што сè поминале овие луѓе. Секој треба да знае и да дознае што се случувало за никогаш повеќе и никому да не се случи истото“, вели Дејвид и порачува никогаш да не се повтори светската трагедија како што е холокаустот.

XS
SM
MD
LG