Прикажување на Кина во позитивно светло, величање на кинескиот систем и економија како најнапредни, но и обиди за редефинирање на светот со поларизација во корист на големите блокови.
Тоа се дел од обидите со кои Кина сака да се наметне на глобално поле, но и на Балканот. Така смета Ана Крстиновска, од истражувачката асоцијација Естима и детален познавач на кинеските политики и влијанија.
„Кинеската пропаганда има повеќе цели. Една од основните е да ја прикаже Кина во исклучиво позитивно светло. Поради тоа акцентот се става на кинеските економски достигнувања, коишто несомнено во последните 40 години се на високо ниво. Сè повеќе се става акцент на кинеската технологија и технолошки напредок. И, има тенденција на елиминирање, минимизирање или релативизирање на секаква критика којашто може да биде упатена кон Кина“, вели Крстиновска.
Гледаме пласирање на кинеските наративи и преку локалните медиуми, преку локални инфлуенсери или други видни личности од областа на политиката
Таа нагласува и дека Балканот не е исклучок од таа политика на кинеско влијание.
„Ги гледаме кинеските медиуми коишто известуваат на локалните јазици. На пример, Кинеското меѓународно радио, има програма на албански и на српски. Во моментов нема на македонски, меѓутоа овие се јазици кои граѓаните на Македонија во основа ги познаваат. Освен тоа, постои Фејсбук-профил на македонски, на CGTN, кинеската меѓународна, глобална телевизија. Исто така, гледаме пласирање на кинеските наративи и преку локалните медиуми, преку локални инфлуенсери или други видни личности од областа на политиката, од академската заедница“, вели Крстиновска.
Македонското општество, како што посочува, исто така е во радарот на кинеските интереси.
„Според кинеската филозофија за надворешната политика, не постојат големи и мали држави. Секоја држава има некакво значење. Посебно во контекст на Македонија, ние сме држава членка на НАТО, членка на ОН, Светската трговска организација, Светската здравствена организација, УНЕСКО и голем број на други меѓународни организации кадешто нашиот глас, има еднаква тежина како гласовите на поголемите држави во светот“, вели нашата соговорничка.
Кина смета дека нејзиниот економски развој, раст и успех во последните четири децении, во голема мера се должи на нејзиниот авторитарен модел
Според Крстиновска, целта на Кина во последните години е да се наметне идеолошки и да покаже дека нејзиниот концепт на управување е поуспешен и понапреден од либералниот модел на западните демократии.
„На тој начин што ќе каже дека демократијата или либералниот меѓународен поредок не е добар. Го претставува својот развоен модел, својот авторитарен модел. Кина смета дека нејзиниот економски развој, раст и успех во последните четири децении, во голема мера се должи на нејзиниот авторитарен модел, каде што граѓанинот нема во основа некои поголеми права, односно индивидуалните права, се подредени на колективните“, посочува Крстиновска.
Експертката смета дека кинеската политика во поново време работи и на наметнување т.н. мултиполарен свет.
„Што значи тоа? Во основа, мултиполарниот свет би се свел на доминација на неколку големи држави коишто ќе си имаат свои сфери на влијание и коишто меѓу себе ќе се договараат за прашања од нивен интерес. Тоа за малите држави, како Македонија, меѓутоа и најголем дел од државите во Европа би било погубно, бидејќи во таков мултиполарен свет тие не би уживале никакви права и не би имале никакви гаранции за нивниот опстанок“, објаснува аналитичарката.
Крстиновска смета дека трката на Кина со Западот, преку разни облици на пропаганда и влијание, ќе добие уште толку на сила во следните години.
„Веќе не зборуваме само за економски натпревар. Зборуваме за прашања поврзани со технолошките стандарди, со другите стандарди. На пример, во однос на регулацијата на интернетот, на вештачката интелигенција. Прашања коишто се актуелни. И, секако, тоа што го споменавме, обидот на Кина да го наметне нејзиниот модел како пример којшто останатите земји би требало да го следат“, анализира Крстиновска.