Линкови за пристапност

Максим Саморуков, аналитичар: Русија не му нуди никаква позитивна агенда на Балканот


Главна цел на Русија е да го прикаже Западот како лицемерен, вели Максим Саморуков, европски експерт за руска пропаганда
Главна цел на Русија е да го прикаже Западот како лицемерен, вели Максим Саморуков, европски експерт за руска пропаганда

Русија на Балканот поентира преку историските незадоволства и огорченост против Западот, како и преку етничките тензии. Русија не му нуди на Балканот никаква позитивна агенда. Нејзините цели се насочени само кон поткопување, вели Максим Саморуков, аналитичар за формите на руската пропаганда

Русија во сопствената меѓународна пропаганда нема намера да се претстави како идеално општество.

„Но, нејзината главна цел е да покаже дека западниот систем не е подобар од рускиот. Нејзината главна цел е да го прикаже Западот како лицемерен“.

Тоа во разговор за Гласот на Америка го вели Максим Саморуков, аналитичар за формите на руската пропаганда.

„Клучната причина за успехот на руската пропаганда е во тоа што во основа не се грижи толку за руските интереси, колку што има за цел да ги поткопа западните интереси. Деструкцијата е секогаш полесна од што било конструктивно“, вели аналитичарот.

Саморуков денес е соработник на истражувачкиот центар Карнеги за Русија и Евроазија, со седиште во Берлин. Но, долги години работел како независен новинар во Москва.

Руската влада сака да ја задржи војната во Украина, колку што е можно подалеку од животот на рускиот граѓанин

„После анексијата на Крим, ситуацијата, атмосферата внатре во Русија стана порепресивна. Некои од независните медиуми продолжија со работа, но нивната финансиска состојба стана многу тешка“, вели Саморуков.

После руската инвазија врз Украина во 2022 година, можностите за слободни истражувања во Русија, драстично се смениле.

„Руските власти воведоа бројни нови правила и рестрикции, поради кои стана невозможно да продолжам да работам со исто ниво на квалитет. Се соочував со ризик од затворска казна за вршење на мојата работа. И тоа не ми остави никаква друга опција освен да ја напуштам земјата“, објаснува поранешниот новинар.

Вели дека до руските граѓани не доаѓаат доволно информации за војната во Украина.

„Руската влада сака да ја задржи војната во Украина, колку што е можно подалеку од животот на рускиот граѓанин. И, до сега се прилично успешни во тоа. Тие (руските граѓани) не сакаат да ги знаат непријатните детали за тоа што се случува во Украина и што се случува со руската инвазија врз Украина. Тие сакаат да го изолираат сопствениот живот од тие случувања. Мислам дека тоа е тајната за успехот на руската пропаганда“, вели аналитичарот.

Локалните проблеми се основата за рускиот успех на Балканот во однос на информациската војна и пропагандата

Саморуков укажува и за руските влијанија на Балканот.

„На Балканот, Русија многу вешто ги користи локалните проблеми. Локалните проблеми се основата за рускиот успех овде во однос на информациската војна и пропагандата. Русија поентира на историските незадоволства, на историската огорченост против Западот. Поентира на интеретничкиот конфликт на Балканот. И, повторно, Русија не му нуди на Балканот никаква позитивна агенда. Нејзините цели се насочени кон поткопување на Западното влијание“, категоричен е аналитичарот.

Тој посочува и дека Русија нема интерес да му даде на Балканот опција за развој и интеграција во поголеми сојузи.

„Русија не сака да ги внесе земјите од Балканот во нејзините интеграциски асоцијации како Евроазиската економска унија или во Колективниот договор за безбедност, воената алијанса под водство на Русија“, посочува Саморуков.

Вели и дека заштитата од дезинформациите е најдобра одбрана од пропагандата.

Бидете покритични за информациите што ги перцепирате

„Посветете повеќе внимание кон деталите, бидете покритични за информациите што ги перцепирате. Исто така е битно да ги реформирате општествата, да се унапреди нивото на општата едукација, и благосостојбата на Балканот“, смета аналитичарот.

Саморуков воедно додава дека економскиот напредок е неопходен за да не се остави поле на кое Русија би имала плодна почва за пропаганда.

„Успехот на руската пропаганда овде, начинот на одговорот кон неа во голема мера се базира на локалните економски проблеми, на локалните меѓуетнички проблеми, и на други проблеми што сè уште стојат нерешени во овие земји, но кои можат постепено да се решат преку процес на реформи и постепен економски развој“, препорачува Саморуков.

XS
SM
MD
LG