Линкови за пристапност

Африм Гаши ја преживеа интерпелацијата


Африм Гаши за прославата на празникот Илинден
Африм Гаши за прославата на празникот Илинден

Новото владејачко мнозинство го „преживеа“ првиот посериозен тест во Собранието – денеска не помина интерпелацијата за работата на спикерот која ја поднесе опозицијата.

Африм Гаши не понесе политичка одговорност по серијата скандали поврзани со него како молитвата во парламентот, инцидентот на неговото обезбедување на скопскиот аеродром, патувањето со колона службени возила на свадба во Косово.

„За разлика од Талат Џафери кој беше мајстор за скандали, вие го надминавте – во 100 дена го надминавте и станавте велемајстор. На пример, тука е случајот со косовската претседателка која одбила да ѝ биде проверен багажот, па вие сте го пратиле шефот на вашето обезбедување кој спорведувал шерифска правда. Никој нема против вие кои се чувствувате како христијани да правите обреди, вие кои се чувствувате како муслимани да правите обреди, вие кои се чувствувате како будист да практикувате обреди, но во јавна институција, согласно нашиот Устав, тоа е недопустливо“, вели Димитар Апасиев од Левица.

Одговорот на Гаши беше дека интерпелацијата има етничка позадина.

„Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација за пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот“, рече Гаши.

Не помина интерпелацијата за работата на спикерот Гаши
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:16 0:00

Опозицијата го тврдеше спротивното – дека Гаши треба да си замине и дека интерпелацијата требала да дојде од најголемата владејачка партија – ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаме обврска пред себе и пред граѓаните да застанеме против башибозукот и беззаконието кое го промовираат партиите од власта. Ако имаа барем трошка самопочит, ако сакаа да си го зачуваат образот оваа интерпелација ќе дојдеше од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Каде е Мицкоски за да порача дека `никој не е над народот, законото и Уставот, ќе има одговорност, ќе има правда“, вели Миле Талевски од СДСМ.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече:

„Оваа интерпелација е нешто што нема никаква допирна точка со реалноста и прекршувањето на собраниските процедури. Тоа е очајнички и политички производ на нопвата коалиција СДСМ, ДУИ и Левица“.

Зад интерпелацијата не застана ниту „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. И оваа коалиција смета дека мотивите се етнички.

„Констатираме и мислиме дека мотивацијата за оваа интерпелација не се однесува на работата на претседателот, туку се однесува на етничката припадност“, изјави Талат Џафери од ДУИ.

За интерпелацијата гласаа само од Левица и од коалицијата на СДСМ што не беше доволно за Гаши да „падне“ од спикерската позиција.

XS
SM
MD
LG