Ги видовме извештаите и нема да коментираме за тековна истрага, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањето дали спикерот на Собранието Африм Гаши треба да сноси политичка одговорност за инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово Вјоса Османи минатата недела.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека шефот на обезедувањето на Гаши, со уште двајца членови на тимот, по наредба на спикерот, дошол пред ВИП салонот на аеродромот, дури и репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците стационирани таму, барајќи одговор зошто се инсистирало косовската претседателка да помине низ безбедносна контрола на аеродромот.
Гаши рече дека го пратил обезбедувањето да ја смири ситуацијата.
Каква порака испраќа однесувањето на спикерот во однос на политичкиот протокол и дипломатијата, од прес-службата на Стејт департментот кусо одговорија:
„Ги видовме извештаите и нема да коментираме за тековна истрага“.
Министерството за надворешни работи на Косово настанот на скопскиот аеродром го нарече „несоодветен и незаконски третман од страна на припадниците на аеродромското обезбедување“ кон Османи.
„Министерката Доника Гервала упати протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Во исто време, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за да го истражат овој случај и да се погрижат таквите настани да не се повторат во иднина“, се вели во соопштението од МНР на Косово.
Групацијата ТАВ изјави дека проверката на косовската претседателка била „во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство“.
За овој инцидент, и за уште неколку други причини, опозицијата бара смена на Гаши.
„Бараме итно Мицкоски да го смени Гаши од Претседател на Собранието за што СДСМ ќе му даде поддршка. Го повикуваме обивнителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Левица, пак, поднесе интерпелација за работата на Гаши поради „воведување непринципиелни политики во Собранието“.
„Втората основа по која ја поднесуваме интерпелацијата е повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП личности, а тоа е актуелниот случај кога шефот на обезбедувањето на спикерот на македонското Собрание учествуваше во практично дипломатски скандал на Меѓународниот аеродром во Скопје и спикерот Гаши јавно призна дека лично ја дал наредбата за негова интервенција во недозволена ареа“, вели Димитар Апасиев, претседател на Левица.
Според коалицијата „Вреди“ барањето за интерпелација на Гаши е експеримент против НАТО.
„На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на Претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор“, пишува во соопштението на „Вреди“.
ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема потреба од смена на собранискиот спикер оти одговорноста била лоцирана и институциите превзеле итни мерки.
„Цениме дека одговорноста веќе е лоцирана, институциите како никогаш досега превземаа итни мерки. Граѓаните сведочат дека има кривични пријави за разлика од минатото. Докажавме дека држава има и дека законите мора да важат подеднакво за сите. Обидите на СДСМ, ДУИ и Левица на ова прашање да добијат ситни политички поени не не` изненадуваат и очекуваме вакво нивно девијантно однесување и во иднина“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Одделот за внатрешна контрола на МВР го суспендираше шефот на обезедувањето, и отвори постапка против другите двајца телохранители, а на прашањето дали ќе има одговорност за Гаши, премиерот Христијан Мицкоски одговори дека никој не е над законот.
Facebook Forum