Кривична пријава и суспензија за еден полицаец, најава за подетална истрага, апел за почитување на аеродромските процедури и жалење за недоразбирањата.
Тоа е своевидниот епилог за настаните на скопскиот аеродром од први август, а во кои, обезбедувањето на косовската претседателка, Вјоса Османи, се обидело да спречи проверка на нејзиниот багаж, како и за недозволеното вмешување на полициското обезбедување на собранискиот спикер, Африм Гаши и нивно попречување на службите во аеродромската зграда.
Случувањата на аеродромот беа дел од темите на кои денеска во Скопје разговараа македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти.
Следниот пат ќе ми биде задоволство и лично да ја пречекам косовската претседателка како домаќин на аеродромотХристијан Мицкоски, премиер на РСМ
„Претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово. Следниот пат, доколку навреме ја добијам информацијата, ќе ми биде задоволство и лично да ја пречекам како домаќин на аеродромот и да ја придружувам до нејзиното заминување, за да избегнеме ваков тип инциденти, а посебно однесување на поединци, коешто е наш домашен проблем и коешто ние дома ќе си го решаваме“, рече премиерот Мицкоски за време на пресконференцијата во Владата после средбата со Курти.
Притоа, Мицкоски потсети дека безбедносните проверки на скопскиот аеродром се утврдени стандарди што важат за секого.
„На ваков тип процедури сум подлежен и јас како македонски премиер и македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако јас не го користам“, рече Мицкоски.
Косовскиот премиер, Курти, пак, изрази жалење и надеж за брзо расветлување на случајот поврзан со претседателката Османи.
Оптимист сум за иднината и верувам дека нема да се повторат вакви ситуацииАлбин Курти, Премиер на Косово
„Треба за цел да ја имаме вистината, а никако тензиите. Нека се расветли случајот. Тука се соодветните органи кои ќе го направат тоа. Не можеме јас и премиерот Мицкоски да бидеме и цариници и полиција и инспекторат и тие што го надгледуваат аеродромот“, рече Курти и додаде:
„Согласно моите информации и гледајќи ги ставовите на двете министерства за надворешни работи, оптимист сум за иднината и верувам дека нема да се повторат вакви ситуации“.
Одговарајќи на новинарско прашање, за барањето одговорност и од претседателот на македонското собрание, Африм Гаши, по чие барање неговото полициско обезбедување се вмешало во настанот на скопскиот аеродром, премиерот Мицкоски рече дека ќе има подетална истрага.
„Има надлежни институции кои ќе го расветлат случајот во два дела. Првиот дел е до моментот кога не доаѓа лицето за коешто зборувате и вториот момент е откако доаѓа лицето за коешто зборувате. Доколку институциите констатираат пречекорување, или кривично дело, тогаш истото лице ќе биде изведено пред лицето на правдата. Никој нема да биде над законот во оваа земја“, беше категоричен Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи, пак, Панче Тошкоски, денеска преку објава на неговиот официјален профил на „Фејсбук“, соопшти дека веќе е поднесена кривична пријава и суспензија за еден полициски службеник.
Се работи за полицаец со иницијали С.С., кој, како што се вели во објавата, „бил испратен на Меѓународниот аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието, со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови“.
Во објавата на Тошковски се вели дека полицаецот на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со ротациски светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, по што го оттурнал полицаецот што го обезбедувал влезот.
На присутните вработени на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција почнал да им се заканува по живототПанче Тошковски, МВР
„Потоа заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработени на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот“, стои во објавата на Тошковски.
Против двајцата полицајци, С.Р. и Н.Б., кои биле во придружба со С.С., Тошковски соопшти дека ќе има предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.
Како што веќе објавивме, според соопштението од МВР, случувањата на скопскиот аеродром почнале во претпладневните часови, околу 10.30 часот на први август. Косовската претседателка Османи, преку ВИП салонот требало да замине со комерцијален лет. Во моментот на извршување на безбедносните процедури од страна на аеродромските служби, нејзиното обезбедување не дозволило да биде извршена проверка со скенер на нејзиниот мобилен телефон и личен багаж. Проверката, која како што објаснија од компанијата ТАВ, е според меѓународни стандарди, на крај, сепак била извршена.
Премиерот Мицкоски на денешната пресконференција додаде дека тоа е веќе трет таков случај на скопскиот аеродром.
Facebook Forum