Прашањето за статусот на Њујорк како град отворен за мигранти беше доведен во прашање во јануари, кога во близина на „Тајмс Сквер“, група мигранти, наводно, нападнала двајца полицајци.
Случајот е во тек, но останува прашањето дали Њујорк треба да го преиспита својот статус да ги штити мигрантите?
Во моментов, локалните органи за спроведување на законот се ограничени да соработуваат со федералните власти за имиграција.
Дури и кога мигранти се осудени за злосторства и потоа ослободени, властите за имиграција често не се известуваат, што ги попречува потенцијалните депортации.
Јавното мислење во Њујорк е поделено.
„Мислам дека судовите треба да комуницираат со службите за имиграција и царина и да се ослободат од луѓето кои вршат кривични дела“, смета Мари Шулц, жителка на Њујорк.
„Многу од хотелите имаат мигранти, но никогаш не сум имал никакви проблеми со нив. Тука ја имаме Статуата на слободата - Дајте им ги своите уморни, сиромашни луѓе кои копнеат да бидат слободни - Мислам, тоа е она што го прави градот Њујорк“, вели Карл Козел, жител на Њујорк.
Во меѓувреме, активисти за поддршка на мигрантите чувствуваат дека прашањето е преувеличено.
„Апсолутно мислам дека статусот на град што ги штити мигрантите треба да остане. Ваквото нагласување на изолираните случаи на мигранти кои вршат злосторства е намерно. Ги бирате сториите, го нагласувате негативното, и малтретирате одредена група луѓе“, вели Илзе Тилман, активистка за поддршка на мигранти.
Како одговор на прашањето на Гласот на Америка на прес-конференција на 27 август, градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, ги изрази своите ставови за модификација на статусот на градот во однос на мигрантите.
„Луѓето кои се насилни кон њујорчани и други мигранти со азил или без документи, не треба да останат во нашата земја откако ќе ја одлежат казната“, изјави Адамс.
Федералната влада, исто така, размислува.
„Не сакаме да ги искорениме политиките за заштита на мигрантите. Ние само сакаме мали промени каде што можеме да соработуваме со полицијата и да ги уапсиме тие лица. Да ги тргнеме од улиците“, вели Кен Генало од Службата за имиграција и царина на САД.
Тој вели дека во моментов нема објективни податоци за криминалот поврзан со мигранти во Њујорк.
„Проблемот да се добијат бројки и статистики за мигрантскиот криминал или за лица што не се државјани е тоа што Њујорк е отворен за мигранти. Градот има политики за заштита на мигрантите кои ја попречуваат секоја соработка со нас. Значи, ако некој поединец е уапсен, на полицијата на Њујорк не ѝ е дозволено да побара од земјата државјанство. Така, кога велат, има поголем и помал криминал, навистина не може да се каже во градот со статус како Њујорк“, додава Генало.
Жителите на градот, пак, треба да одлучат дали заканата со криминал на мигрантите е претерана или точна.
Многу бездомни мигранти кампуваат во шатори на островот Рандал. Некои велат дека по заоѓањето на сонцето, атмосферата се менува.
„Кога сте надвор, обично не чувствувате сигурност бидејќи има многу луѓе. Тие имаат оружје, некои од нив имаат и нож“, вели Диало, мигрант без документи во Њујорк.
„Тука, сè е опасно. Луѓето се убиваат. Тука има сè“, додава друг мигрант.
Во поделениот град, останува прашањето дали Њујорк може да продолжи да ги штити мигрантите и истовремено да ја гарантира безбедноста на сите негови жители. Одговорот може да ја одреди иднината на градот и неговите политики.
Facebook Forum