Линкови за пристапност

Божиновска: Во последните седум години, приватно се изградија фото-централи, а државата нема свои енергетски капацитети


„Ние ќе се обидеме да направиме ревизија на досегашните проекти и Македонија сама да има енергетски капацитети. Енергетиката не е нешто што се планира од денес за утре, тоа е долгорочно“, вели Божиновска за Гласот на Америка.
„Ние ќе се обидеме да направиме ревизија на досегашните проекти и Македонија сама да има енергетски капацитети. Енергетиката не е нешто што се планира од денес за утре, тоа е долгорочно“, вели Божиновска за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Министерке, во Вашингтон имавте средба со заменикот-помошник секретар на САД за Западен Балкан. Каде беше акцентот на разговорите?

Божиновска: Остваривме средба со Александар Касанов. Тој нагласи дека САД се секогаш пријатели, и секогаш се тука да ни помогнат. Најголем акцент беше ставен на справување со корупцијата. Тие се следат, се знаат, ги знаат приликите кај нас. Зборувавме и за енергетската независност. Откако започна руската војна против Украина, Европа се стреми кон енергетски алтернативи и изнаоѓање алтернативни решенија. Исто така беше дискутирано и за гас конекторот со Грција, и евентуално гас-конектор со Србија.

Глас на Америка: Дали во Вашингтон се отвори и прашањето на борбата против корупцијата, како еден главните предизвици на Северна Македонија, и тема за која земјата добива бројни негативни извештаи од меѓународните институции, но и од Стејт департментот?

Имаме ново раководство во ЕСМ и во МЕПСО. Имаме и ревизорски извештаи и наскоро ќе имаме увид што се е направено. Се надевам дека ќе се бара некоја одговорност.
Сања Божиновска, министерка за енергетика на Северна Македонија

Божиновска: Работите мора да се помрднат. Ние сме нова Влада, веќе два месеци. Го сменивме менаџментот, во областа на енергетиката. Имаме ново раководство во ЕСМ и во МЕПСО. Имаме и ревизорски извештаи и наскоро ќе имаме увид што се е направено. Се надевам дека ќе се бара некоја одговорност. Ние ќе се стремиме за подомаќински начин на работење, но и да го зацврстиме производството на енергетиката.

Глас на Америка: Дали Северна Македонија, со оглед на новите геостратешки поместување по не испровоцираната руската инвазија врз Украина пред речиси 3 години, успеа да пронајде алтернативни извори на енергија, како што тоа го направи, на пример, Германија, и самата ЕУ? Што, прави Македонија во унапредувањето на енергетската безбедност?

Божиновска: За жал во последните седум години, приватно се изградија фото-централи. Македонија нема изградено свои енергетски капацитети. Ние ќе се обидеме да направиме ревизија на досегашните проекти и Македонија сама да има енергетски капацитети. Енергетиката не е нешто што се планира од денес за утре, тоа е долгорочно. Прво ќе го зајакнеме нашето производство па ќе направиме чекор кон зелена транзиција, но за се е потребно време, а ѝ пари.

Глас на Америка: Ја спомнавте и „зелената транзиција“. Каде е Македонија во регионалниот контекст, колку е таа реална, денес?

Божиновска: Реално е дека тоа е долгорочен проект. Во Европа исто така се зборува за „зелена транзиција“. Но, во Македонија ни е потребна енергија во зима, а во зима не можеме да се потпреме на сонцето. Потребна ни е базна енергија. Мора да ги имплементираме и батериите. Треба да направиме ревизија и целосна модернизација и севкупната енергетска стратегија.

Божиновска во Атлантскиот совет

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет, во Вашингтон, каде како еден од говорниците на конференцијата, заедно со американски и европски претставници за енергетика, даде свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа.

Во излагањето Божиновска, потенцираше дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија активно работи на зајакнување на партнерствата во меѓународните институции кои соработуваат со државата во полето на енергетиката, како што се Европската банка за реконструкција и развој и Европската инвестициска банка.

Покрај ова, исто така изјави дека зелената транзиција не е пожелна, туку неопходна за Северна Македонија и за целиот регион, и дека истата претставува заедничка иницијатива која има за фокус подобра иднина на целиот регион.

XS
SM
MD
LG