Линкови за пристапност

Целта е македонската економија да го достигне посакуваниот раст меѓу 4 и 5 проценти, најави Николоски во Вашингтон


Главен фокус е задржување на стандардот на граѓаните, вели Николоски.
Главен фокус е задржување на стандардот на граѓаните, вели Николоски.

Економијата е врвен приоритет за следната влада. Така беше во минатото, така ќе биде и сега. Не треба да заборавиме дека во овие 4 години менаџиравме криза, вели Заменик-министерот за финансии на Северна Македонија, Филип Николоски во разговор за Гласот на Америка во Вашиингтон

Заменик-министерот за финансии на Северна Македонија Филип Николоски на маргините на Сретската банка и ММФ во Вашиингтон се осврна на очекувањата, прогнозите и евентуалнот раст на домашната економија.

Глас на Америка: Македонската економија годинава, но и наредните две ќе има скромен економски раст, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, што дополнително ја оддалечува земјата од европскиот просек. Ова го покажа најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Како го коментирате?

Филип Николоски: Податокот што излезе од Светската банка оваа недела е прелиминарниот податок од Заводот за статистика за растот на македонската економија за 2023-ра од 1%. Тој е неофицијален и непотврден. Се надевам дека тој ќе биде повисок. Имавме највисоко ниво на буџетски приходи, имавме највисоко ниво на реализирани капитални инвестиции од 700 милиони евра, имавме највисок процент на раст на плата од 16%, и тоа беше потврдено од виенскиот Институт.

Глас на Америка: Нема ништо ново, нити неочекувано, во проекциите на Светска банка. Извештаите само го констатираат она што е повеќе од очигледно – дека економската состојба во државата - не е добра. Дали сметате дека на претстојните избори, прашањето за економијата ќе игра клучна улога во гласањето?

Филип Николоски: Економијата е врвен приоритет за следната влада. Така беше во минатото, така ќе биде и сега. Не треба да заборавиме дека во овие 4 години менаџиравме криза. Имавме пост-Ковид Криза, енергетска криза и инфраторна. Сепак, успеавме да го задржиме стандардот на граѓаните, пораснаа платите, пораснаа пензиите, имаме рекорден раст на просечната плата за овие 7 години. Главен фокус е задржување на стандардот на граѓаните. Во 2023-та, една Германија имаше негативен раст, од -0,5%. Со оглед дека Германија е наш најголем трговски партнер, не можеме да очекуваме дека ние како мала и отворена економија ќе имаме супериорен раст. Кога менаџираш кризи, не можеш да се фокусираш на раст. Сега на состаноците со ММФ и Светската банка, се говори дека во најголем дел, кризата е позади нас и е надмината. Тоа ќе даде еден поттик и во наредните 4 години македонската економија да го достигне оној посакуван раст и ќе се движи на ниво меѓу 4 и 5 проценти. Тоа ќе ја забрза економијата и ќе го подобри стандардот на граѓаните.

Глас на Америка: Јазот меѓу приходите и потребите на граѓаните е драстично зголемен во изминатите 14 години. Потрошувачката кошничка покажува дека само во последните две години цените пораснале за речиси 60 проценти. Што прави Владата да помогне во справувањето со овој негативен тренд?

Ние во изминатиот период покажавме дека никого не оставаме сами.
Николоски, заменик - министер за финансии

Филип Николоски: Ние во изминатиот период покажавме дека никого не оставаме сами. Во овие 4 години на криза како што споменав, имавме 9 пакети на анти-кризни мерки во вкупен износ од 2,6 милијарди евра. И тие беа директно насочени и кон граѓаните и кон бизнис – секторот. Деветтиот пакет е се уште актуелен и се уште се дава на најзагрозените. Така ќе продолжиме и во иднина и ќе ги насочиме средствата согласно сугестиите од Светската банка и од ММФ.

Глас на Америка: Според последните истражувања, господине Николоски, на едно македонско семејство му требаат минимум околу 1.000 евра за да може да го преживее месецот, а доколку нема сопствен дом и плаќа кирија, тогаш не му стасуваат, ниту тие пари, за да ги подмири основните трошоци. Како, тогаш да се мотивираат младите да останат во земјата и да се спречи одливот на мозоци?

Филип Николоски: Како што рековте, расте потрошувачката кошничка, меѓутоа само еден податок ќе ви кажам – од 2017-та година, една просечна македонска плата заедно со една минимална плата, секојпат во овие 7 години се над нивото на потрошувачката кошничка. Така и сега просечната плата достигна 40.000, минималната плата е 23.000 денари, а потрошивачката кошничка е 60.000 денари. Токму со политиките и мерките што ги прави оваа влада, се зачувува стандардот на граѓаните.

Глас на Америка: Дали сметате дека кинеските инвестиции во Македонија ја презадолжуваат Владата со враќање на кредитите со генерации?

Филип Николоски: Нема големо присуство на кинески инвестиции во Македонија. Повеќе тие се во соседните земји во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Во Македонија единствено имаше изградба на 2 патни делници, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, а едната е се уште во тек. Кинеските кредитите заедно со враќањето на каматите се предвидени во буџетот и тие редовно се сервисираат, меѓутоа не станува збор за некои посериозни инвестиции.

Глас на Америка: Зошто не кредитите од други Банки?

Филип Николоски: Ние деновиве и во разговорите со Светската банка и ММФ, ги потврдивме нашите планови и програми, тие ја даваат таа техничка поддршка, и таа ќе продолжи и со идната влада. Пред неколку месеци, Светската банка ја одобри новата рамка од 700 милиони долари само за Македонија во периодот во наредните 4 години. Во последните 30 години, Македонија искористи 3 милијарид долари за реформи и голем број проекти. Исто, поддршка имаме и од ММФ коишто ги гледаат нашите здрави економски политики. Токму поради тоа ја одобрија линијата за претпазливост пред две години, и повеќе од половината од тие средства веќе легнаа во буџетот.

XS
SM
MD
LG